Приведени тројца од „Комуналец“, над 3.100 граѓани побарале лекарска помош во Гостивар

Објавено:

Тројца функционери се приведени како осомничени за создавање на услови за здравствената криза во Гостивар, дознава Колегиум.мк од извори во истрагата. Според неофицијалните информации, приведени се директорката на гостиварското јавно претпријатие „Комуналец“, Артана Асани, и двајца нејзини соработници, техничкиот директор Леон Нуредини и раководителот на Водоводот, Вадедин Дервиши. Се очекува двајцата наскоро да се појават пред Обвинителството, а судијата на претходна постапка ќе им одреди мерки на претпазливост.

Во меѓувреме, од Обвинителството велат дека се во фаза на прибирање докази и најавуваат повеќе детали за утре.

„Сите прибрани докази до овој момент, како и доказите кои допрва се очекува да бидат доставени се анализираат за да се утврди состојбата од која ќе произлезе правна квалификација на евентуално сторено кривично дело и идентификација на сторителите. Постапката се уште е во фаза на предистрага која е тајна. Веднаш по утврдување на сите околности и донесување на соодветна јавнообвинителска одлука јавноста ќе биде запознаена“, се вели во кусото соопштение од Обвинителството.

Директорката на „Комуналец“, Асани, набрзо откако се дозна во јавноста дека пумпи се можен причинител на загадувањето на водата, во изјави за само неколку медиуми, тврдеше дека зголемениот број на заболени лица во Гостивар не е поради загадената вода. Таа ги негираше сомнежите на надлежните институции кои ја забранија водата за пиење во Гостивар поради сомневање дека е загадена и е извор на епидемијата која се шири во градот. Асани велеше дека „меѓу заболените има и лица кои пиеле само флаширана вода“ и според неа причина за заболувањата граѓаните можеби била храната што ја јаделе или високите температури.

Priveduvanje na direktorkata na Komunalec Gostivar - foto printskrin
Фото: Принтскрин

За пет дена над 3.000 луѓе во Гостивар побарале помош од лекар

Вкупно 3100 граѓани побарале здравствена помош во изминативе пет дена од лекарите со стомачни тегоби во Гостивар. Од вчера (19 јули) во Гостивар е прогласена епидемија поради редовен раст на нови случаи на дневна основа со стомачни тегоби.

Првите заболени со симптоми се јавиле на 14 јули, изјави на 20 јули министерот за здравство Сашо Клековски. Тој додава дека вчера за првпат е забележано намалување на бројот на приеми на заболени. Клековски соопшти дека денеска ќе заседава и Комисијата за заразни болести која ќе излезе со соодветни препораки.

Микробилошките анализи се готови и резултатите се доставени до Обвинителството кое треба да ги соопшти во јавноста и да го квалификува делото.

„Испитувањата се направени на барање на Обвинителството и кога тоа ќе даде согласност јавно да се соопшти, ќе ги соопштиме резултатите. Не сакаме да се мешаме во истрага“, рече Клековски, додавајќи дека храната како причина отпаѓа.

Priveduvanje na rakovoditel vo Komunalec Gostivar - foto Printskrin
Фото: Принтскрин

Партиските кавги се интезивираат

Во меѓувреме политичките партии продолжија со јавна кавга кој криел информации и кој е одговорен за проблемот.

Опозициската СДСМ обвини дека министерот за здравство Сашо Клековски наводно пет дена ја криел информацијата оти има масовно труење во Гостивар, што оневозможило брз институционална реакција.

„Со тоа свесно било одложено прогласувањето на епидемија, иако СДСМ уште од првите сигнали, согласно препораките на стручната јавност, бараше тоа веднаш да се направи“, изјави Нашата Поповиќ од Извршниот одбор на социјалдемократите.

Таквите тврдења, на прес конфенреција со тројца владини претставници, беа демантирани. Министерот Клековски изјави дека во ниеден момент немало криење информации за состојбата во Гостивар.

„Јас бев првиот што во саботата информирав дека првите случаи се регистрирани на 13 јули. Министерството за здравство и јас ќе продолжиме транспаретно да ги соопштуваме податоците бидејќи немаме што да криеме“, рече Клековски на денешната прес-конференција во Владата.

Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, посочи дека како институција пред прогласувањето на епидемија ги направиле сите работи кои треба да се направат кога има епидемија.

Општина Гостивар од денеска воведе дополнителни мерки за справување со состојбата предизвикана од загадената вода за пиење. Активиран е Кризниот штаб, а ќе биде отворена и телефонска линија преку која граѓаните ќе можат да побараат помош и достава на вода за пиење, најави градоначалникот Валбон Лимани кој за прв пат се појави во јавноста откако започна здравствената криза. Тој информираше дека во текот на денот ќе се одржи и вонредна седница на Советот на Општина Гостивар, на која ќе се разгледаат дополнителни мерки за справување со кризата.

„Мобилни екипи ќе доставуваат вода до лицата кои не можат да излезат од дома“, рече градоначалникот.

Мицкоски бара одговорност од градоначалникот на Гостивар, тој не чувствува одговорност

Претходно, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека морална одговорност треба да понесат сите надлежни во локалната самоуправа.

„Од градоначалникот, па надолу, сите треба да понесат одредена морална одговорност“, рече Мицкоски, додавајќи дека за друга одговорност ќе одлучува Обвинителството.

Премиерот ја критикуваше локалната власт за летаргичност, поради што Владата морала да реагира за граѓаните да не останат без поддршка во услови на криза.

Градоначалникот Лимани на новинарско прашање одговори дека не чувствува морална одговорност за настанатата состојба, но потврди дека директорката на ЈП „Комуналец“ и дел од раководството задолжено за водоводниот систем се суспендирани до завршување на постапката.

„Не чувствувам морална одговорност бидејќи јавното претпријатие е посебно правно лице кое управува со системот. Доколку беше поинаку, првата оставка ќе беше мојата“, изјави Лимани.

Мицкоски посочи дека локалното јавно претпријатие треба веднаш да започне со прочистување и хлорирање на водоводниот систем, со цел во наредните денови состојбата постепено да се нормализира.

„Треба да се прочисти целиот систем за граѓаните повторно да можат безбедно да ја користат водата за технички потреби. Од денеска па натаму локалното претпријатие треба да започне со процесот на прочистување на водоводот“, изјави премиерот.

Според него, во првата фаза целта е водата повторно да може да се користи за технички потреби, а потоа и целосно да биде безбедна за употреба.

На прашањето дали ќе има ревизија на изградбата на водоводниот систем, Мицкоски рече дека сите аспекти ќе бидат анализирани во рамките на постапките што ги водат надлежните институции.

„Согласно Законот за градење постојат механизми за надзор. Сите факти ќе бидат анализирани и ќе бидат донесени соодветни заклучоци“, изјави тој.

Во меѓувреме, Агенцијата за храна и ветеринарство ја забрани за употреба водата од градскиот водовод во Гостивар додека сите надлежни институции не завршат со проверките и со неопходните анализи, кои треба да ги утврдат точните причини за епидемијата.