Мицкоски: Очекувам проширување на истрагата за Гостивар

Објавено:

​Проширување на истрагата за одговорноста за загадувањето на водата во Гостивар, очекува премиерот Христијан Мицкоски. Според неговата изјава дадена на настана во Дебар, одговорноста за кривичното дело е лоцирана и како што вели се преземаат мерки. Прстот го вперува во несовесно работење на вработени од Јавното претпријатие „Водовод“ коишто директно со цевки и пумпи вода од река префрлеле во главниот резервоар. Мицкоски додаде дека за тоа Обвинителството постапило, обезбедени и сослушани се луѓе. Во однос на обвинувањата од опозицијата дека хиперлорирањето не го прават стручни лица, тој кажа дека во моментот се случува процес на хиперхлорирање којшто го вршат експерти од Јавното претпријатие „Водовод“ Скопје.

  • „Во Собрание покажавме документи од минатото кога ниту Министерството за здравство во Владата на СДСМ и ДУИ, ниту Агенцијата за храна и ветеринарство, ниту било која институција постапувала по информациите коишто се добиени како резултат на мерењата каде што во стотици и илјадници случаи во речиси сите мерни места во неколку општини е констатирано дека параметрите и микробиолошки, но и според квалитетот на водата, не соодветствуваат на законски дозволените норми. И никој ништо не преземал, туку оставиле буквално луѓето да го консумираат тоа и да има последици во процесот на консумирање“, ја обвини опозицијата Мицкоски.

Опозицискиот лидер Венко Филипче кусо возврати.

„Во мое време труење на водата немаше, а немаше ни епидемија. Не знам што се тие документи со кои мафта премиерот“, рече Филипче во одговор на новинарско прашање. Според него, сите реакции од власта за епидемијата во Гостивар, каде поради загадување на водата во градскиот водовод со отпадни води се разболеа над 4.300 луѓе, се задоцнети.

Премиерот додаде дека по работата на институциите за проверка и прочистување на водата за пиење „можеби за првпат во последните децении во Гостивар граѓаните ќе можат да користат вода за пиење којашто ќе е бактериолошки исправна“.

„​Но, јас замолувам за трпение затоа што сериозен пристап имаме и сериозно и сериозно го вршиме овој процес. Јас очекувам, еве, многу скоро од денеска граѓаните да добијат, покрај вода којашто ја користат за технички потреби, и вода за за готвење и за пиење“, изјави Мицкоски од Дебар, каде што присуствуваше на доделување 47 станови за социјално загрозени категории граѓани.

И покрај оптимистичките изјави на премиерот, локалните здравствени препораки остануваат на сила. Кризниот штаб и експертите од областа на јавното здравје нагласуваат дека водата сè уште не е безбедна за консумирање и готвење.

Според нивните протоколи, потребни се најмалку три последователни негативни микробиолошки анализи пред да се дозволи нејзина редовна употреба.

Состојбата со епидемијата во Гостивар е стабилна. Иако е забележано дневно зголемување, вкупниот тренд е значително понизок во однос на времето кога беше пикот, информира денеска Министерството за здравство.

На 31 јули се регистрирани вкупно 60 први прегледи. Иако е забележано дневно зголемување, вкупниот тренд останува значително понизок во споредба со пикот од 18 јули, кога беа евидентирани 649 прегледи. Од 14 до 31 јули се регистрирани вкупно 4.543 први прегледи.

„Досега се примени 1.028 формални пријави за заразна болест и изработени се 730 нови епидемиолошки анкети, со опфат од 71 процент“, наведува Министерството во денешното соопштение

Епидемијата во Гостивар започна кон средината на овој месец, кога илјадници граѓани побараа медицинска помош поради симптоми на труење – дијареја, повраќање и дехидратација. Причината беше контаминирана вода од градскиот водовод, загадена со фекални материи и колиформни бактерии, што доведе до прогласување епидемија на 19 јули и прогласување на 30 дневна кризна состојба. Поради случајот, директорката на јавното претпријатие „Комуналец“ од Гостивар и уште двајца раководители се во притвор.