Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не дојде во Граѓанскиот суд да се соочи со поранешната јавна обвинителка Ленче Ристоска, иако добил уредна покана, откако Ристоска поднесе тужба за навреда и клевета против ВМРО – ДПМНЕ за низа соопштенија што ги објавуваше партијата откако таа како јавна обвинителка им го замрзна имотот во случајот „Талир“.
„Имаше повеќе месеци во кои претседателот на ВМРО – ДПМНЕ можеше да го усогласи својот распоред. Сметам дека неговото недоаѓање, пред сè, претставува непочитување на судот. Од моето искуство како јавна обвинителка, можам да кажам дека тоа не ме изненадува, бидејќи сум имала ситуации во кои и други високо профилирани личности избегнувале да дојдат и се криеле во моментите кога требало да преземат одговорност за своето однесување“, рече Ристоска по рочиштето.
Иако Мицкоски не дојде, Ристоска беше сослушана во својство на странка. Пред Судот таа детално објасни зошто се почувствувала навредена и наклеветена од соопштенијата на владејачката партија. Првото соопштение на партијата во кое таа била лично спомената било објавено на 14 октомври минатата година во моментот кога како обвинител ги водеше предметите „Талир“, во кои беше обвинета партијата, односно ВМРО-ДПМНЕ во едниот предмет беше обвинета, а во другиот предмет беше заинтересирано правно лице, но нејзиниот имот беше замрзнат.
„Во двата предмета постапките беа во завршна фаза. Сите докази на Јавното обвинителство беа изведени, а во едниот предмет се наближуваше и крајот на судската постапка. Во истиот период, за првпат по подолго време, ВМРО-ДПМНЕ поднесе барање за одмрзнување на имотот. Како јавна обвинителка се произнесов по барањето и предложив судот да го одбие. Токму на денот кога беше објавено соопштението, судот ја донесе одлуката и го прифати предлогот на Обвинителството. Затоа сметам дека соопштението беше објавено во специфичен момент“, го објасни Ристоска клучниот момент кога почнале навредливите соопштенија, по што следувале уште петнаесетина други во кои била таргетирана.
Соопштението, чиј почеток беше „Каков крај“, го доживеала како порака за крај на кариерата затоа што партијата во соопштението ја опиша како обвинител без срам, човек кој го симболизирал моралниот пад на Обвинителството.
„Изразите „тажен симбол на неправда“, „отсуството на срам е одлика на вакви луѓе“ и квалификацијата дека јас го симболизирам моралниот пад на Обвинителството ги доживеав како навредливи и особено понижувачки. Овие вредносни судови се заклучоци што тужениот ги изведува врз основа на лагите и невистините што ги пласира во соопштението. Не ги доживувам како критика на мојата работа, туку како силен притисок. Особено ме вознемири почетокот на соопштението со зборовите „Каков крај“. Тоа го доживеав како закана за крајот на мојата кариера. Секој професионалец би го доживеал тоа како вознемирувачко, особено кога доаѓа од партија на власт која, од мој аспект, е странка во предмети во кои сум постапувала и има интерес од тие постапки“, рече Ристоска.
За неа клеветнички се и тврдењата на партијата што ја поврзувале со политичари како поранешниот премиер Зоран Заев и Артан Груби, дека земала високи бонуси, користела службени картички и соработувала со лица од подземјето, иако трпела критики и додека на власт биле СДСМ и ДУИ.
За полномошникот на ВМРО-ДПМНЕ, Ружица Николовска, сведочењето на Ристоска било насочено повеќе на политика.
„Сметам дека нејзиното сведочење излезе надвор од контекстот на тужбеното барање, бидејќи повеќе се зборуваше за политика отколку за вистински правни аргументи поврзани со конкретната навреда и клевета. Сите знаете како заврши СЈО и што се случи. Исто така, сите знаеме колкави високи бонуси беа исплаќани. Соопштението на ВМРО-ДПМНЕ во тогашниот момент беше во насока на слободата на говорот и слободното изразување на мислата. Во однос на наводните навреди за моралот, тоа е лично чувство на тужителката. Нејзе треба да ја прашате зошто ги доживува како навреди“, рече Николовска.
Обвинителката Ленче Ристоска, која беше кандидат и за државен јавен обвинител, поднесе оставка од функцијата на 02 април.
Ваквиот чекор од Ристоска доаѓа во време кога државниот обвинител Ненад Савески и ги одзеде овластувањата за случајот „Талир“ – поврзан со незаконското финанасирање на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот имот, кој беше замрзнат од судот по барање на обвинителката.
Таа посочува дека нејзината работа на високопрофилни случаи создава и високопрофилни непријатели, и дека во нејзината работа се соочила со опструкции на различни нивоа, институционални и лични.


