Обвинителката Ленче Ристоска поднесе оставка

Објавено:

Обвинителката Ленче Ристоска, која беше кандидат и за државен јавен обвинител, поднесе оставка од функцијата на 02 април.

Ваквиот чекор од Ристоска доаѓа во време кога државниот обвинител Ненад Савески и ги одзеде овластувањата за случајот „Талир“ – поврзан со незаконското финанасирање на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот имот, кој беше замрзнат од судот по барање на обвинителката.

Таа посочува дека нејзината работа на високопрофилни случаи создава и високопрофилни непријатели, и дека во нејзината работа се соочила со опструкции на различни нивоа, институционални и лични.

„Сето тоа не ме спречи да опстојам во моите заложби, па јавно ги критикував состојбите во правосудството без оглед на општествено-политичкиот контекст и без калкулации за последиците по мојата кариера. Сите тие напори сакав да ги заокружам од раководна позиција преку мојата кандидатура за државен јавен обвинител, со јасна визија, акумулирано знаење и изградена отпорност спрема влијанија и притисоци. Верував дека е дојдено времето за институција чија водилка ќе биде јавниот интерес, борбата против корупцијата и криминалот и заштитата на правата на граѓаните“, вели обвинителката.

Ристоска додава дека одлуките на Советот на јавни обвинители со кои беше отфрлена претставка за, како што вели таа, нападот врз нејзиниот интегритет и самостојност, како и одлуката на државниот јавен обвинител за повлекување на овластувањата за застапување во клучни предмети во завршна фаза, сериозно ја ослабуваат позицијата на јавното обвинителство и носат конкретни ризици за исходот на предмети кои таргетираат висока корупција и криминал.

„Овие постапки се во директна спротивност со визијата за која се залагам, а тоа е обвинителство кое работи надвор од политички влијанија, ги штити своите професионалци и го брани јавниот интерес доследно и без селекција. Бидејќи не гледам простор за работа во согласност со тие принципи, денес поднесов оставка од функцијата јавен обвинител“, посочува Ристоска.

Обвинителот Савески, пак, на брифинг со новинарите претходно истакна дека потегот не е насочен лично кон Ристоска и нема политичка заднина, туку има за цел воведување ред и евиденција во системот.

„Одлуката ја донесов денеска и сè уште не е потпишана. Ова не е само за Ленче Ристоска. Има многу овластувања, не знам колку се точно. Мораме да имаме јасна слика. Моите одлуки не се политички“, изјави Савески.

Тој пред новинарите изјави дека предметот „Талир 1“ што го водела Ристоска бил во надлежност на обвинителство во кое таа според обвинителската структура не работи, па овој предмет ѝ е одземен по сила на генералната одлука.

За вториот предмет, „Талир 2“ кој формално е во обвинителството каде што таа работи, ќе се утврдува дали го добила со овластување, но, како што неофицијално посочил бил воден на ист начин.

Ристоска заедно со обвинителките Анита Тополова-Исајловска и Лидија Раичевиќ, како и разрешениот судија Владимир Панчевски му беа конкурениција на Савески во трката за нов државен обвинител. Тој беше избран на 18 март годинава. Сите, освен Панчевски добија позитивно мислење од Советот на јавни обвинители. Од четирите, Владата на седница се одлучи како предлог до парламентот да го испрати Савески.

Пред одлуката на Владата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, во телевизиско интервју ја исклучи Ристоска „од трката“. Тоа го направи давајќи коментар на прашањето „Дали се во игра сите четворица кандидати од листата која до Владата ја испрати Советот на јавни обвинители, вклучително и Ленче Ристоска“.

„Апсолутно не се сите во игра и мојот став поврзано со тоа име е апсолутно дека тоа име не е во игра“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Ристоска, беше дел и од Специјалното јавно обвинителство кое всушност ги отвори случаите „Талир“. И по згаснувањето на СЈО, таа продолжи да ги застапува се до одлуката на Савески. Во овие предмети се обвинети поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ и самата партија како правно лице, за која се бара конфискација на партискиот имот, вклучително и на целтралиот штаб на партијата, познат во јавноста како Белата палата. Во рамки на овој случај, веќе шеста година многу недвижности на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ се замрзнати. Станува збор за имоти што станале партиска сопственост по 2013 година, период кога со партијата раководеше Никола Груевски.

Ристоска е и јавна обвинителка за врски со Европравда. Мицкоски на брифинг со новинарите во декември изјави дека премногу пари се трошат на македонскиот претставник во Европравда, поради што намерата им е да го сведат на статус на дипломат од трето ниво во нашата ЕУ-мисија во Брисел.

Таа есента 2025 се кандидираше и за судија од земјава во Европскиот суд за човекови права и влезе меѓу тројцата предлози. Но, Владата одлучи да распише нов оглас. Ристовска тогаш изјави дека со отпочнувањето на нова постапка без претходната да се заврши се создава „дуализам на постапките“ е спротивно на правната сигурност и на фер постапка.