Државниот јавен обвинител Ненад Савески вели дека жали за одлуката на Ленче Ристоска да си даде оставка како обвинителка. Таа за оставката го известила преку СМС, додека за причините, посочува Савески, дознал од медиумите.
„Јавното обвинителство останува без јавен обвинител од кој очекував дека со своето повеќегодишно драгоцено искуство ќе даде придонес кон зајакнување на капацитетите на оваа институција, особено со нејзината позиција како обвинител за врски со Европравда“, вели Савески.
Оставката на Ристоска, за која самата соопшти со допис до медиумите денеска (2 април), следува откако Савески претходно ѝ ги одзеде овластувањата таа да постапува во предметите „Талир 1“ и „Талир 2“ кои се однесуваат на финансирањето на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот имот.
Савески во писмената изјава за оставката на Ристоска наведува дека одлуката за отповикување на сите овластувања што ги дале поранешните државни обвинители, „не е персонална и во никој случај не е насочена кон работата на обвинителката“.
„Таа одлука е од организациска природа и нејзината цел е зголемување на ефикасното постапување на јавното обвинителство. Ја користам оваа прилика да ги повикам сите јавни обвинители заедно и секој поединечно, да не дозволиме ништо да влијае врз нашиот професионален интегритет и секојдневна работа“, вели Савески.
Ристоска претходно наведе дека нејзината работа на високопрофилни случаи создава и високопрофилни непријатели, и оти во нејзината работа се соочила со опструкции на различни нивоа, институционални и лични.
„Сето тоа не ме спречи да опстојам во моите заложби, па јавно ги критикував состојбите во правосудството без оглед на општествено-политичкиот контекст и без калкулации за последиците по мојата кариера. Сите тие напори сакав да ги заокружам од раководна позиција преку мојата кандидатура за државен јавен обвинител, со јасна визија, акумулирано знаење и изградена отпорност спрема влијанија и притисоци. Верував дека е дојдено времето за институција чија водилка ќе биде јавниот интерес, борбата против корупцијата и криминалот и заштитата на правата на граѓаните“, вели обвинителката која беше еден од противкандидатите на Савески на конкурсот за нов државен обвинител.
Случаите „Талир 1“ и „Талир 2“ против ВМРО-ДПМНЕ беа отворени од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде работеше и Ристоска. По згаснувањето на СЈО, обвинителите оттаму се вратија во редовните обвинителства, каде завршија и предметите од СЈО. Со овластувања од поранешниот државен обвинител Љубомир Јовески продолжија да постапуваат по истите предмети.
На оставката на Ристоска, реагираше и ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристоска зборува за ослабување на институции, но токму таа беше дел од тоа и ваквото однесување со условување на сопствениот ангажман со функција е суштинскиот проблем, кој со години ја уништува довербата во правосудниот систем. Наместо континуитет и професионализам, сведочиме на селективна принципиелност, каде во изјавата на Ристоска се вели дека институциите се добри кога одлуките се во наша корист, а лоши кога не се“, наведе владејачката партија.
Во рамки на случаите „Талир“ за незаконско финансирање на партијата, отворени во 2017 година, имотот беше замрзнат бидејќи со обвинението се бараше и негово конфискување. Меѓу него е и централниот штаб, познат во јавноста како Белата палата. За нив, сè уште нема правосилна пресуда.


