Анализите на водата за пиење од градскиот водовод во Гостивар се следат и ќе продолжат во текот на викендот, изјави денеска министерот за здравство Сашо Клековски и додаде дека е неблагодарно да се предвидува кога гостиварчани ќе може да ја користат за пиење.
„Се следат пробите, тие ќе продолжат и во текот на викендот. Значи, секој ден од повеќе кориснички места се земаат проби. Во моментот, штом три едно по друго проби ќе бидат соодветни за пиење, ќе биде ставен во употреба водоводот. Она што е важно е дека водата сега може да се употребува за други намени, а не за пиење и подготовка на свежа храна. Така што тој дел барем е разјаснет. И тука нема, не можеме да шпекулираме“, рече Клековски.
Како што рече, потребно е три теста на кориснички места да бидат соодветни за да може Агенцијата за храна и вино да ја повлече забраната за употреба на вода за пиење, додавајќи дека секој ден се прават анализи од најмалку девет кориснички места.
„Значи, многу е неблагодарно да предвидам какви ќе бидат тестовите. Може да има еден тест кој не е соодветен и повторно треба три нови теста, три нови дена. Навистина е неблагодарно да предвидувам што и како ќе биде“, изјави Клековски кој денеска ја посети Клиничка болница Штип.
Во меѓувреме надлежните велат дека епидемијата во Гостивар се смирува иако здравствените власти предупредуваат дека постои ризик од појава на заразни болести како хепатит А и Е, ентероколити и вектор-преносливи инфекции (западнонилска треска, денга, маларија).
Епидемијата во Гостивар започна кон средината на овој месец, кога илјадници граѓани побараа медицинска помош поради симптоми на труење – дијареја, повраќање и дехидратација. Причината беше контаминирана вода од градскиот водовод, загадена со фекални материи и колиформни бактерии, што доведе до прогласување епидемија на 19 јули и прогласување на 30 дневна кризна состојба.
Поради случајот, директорката на јавното претпријатие „Комуналец“ од Гостивар и уште двајца раководители се во притвор.



