Според пресметките на Министерството за економија и труд, просечната потрошувачка кошница во август изнесувала 58.475 денари, додека вредноста на кошницата што ја пресметува синдикатот достигнала 68.676 денари.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, презентирајќи го пристапот на Министерството за пресметување на просечната потрошувачка кошница и следење на трошоците за живот на граѓаните, изјави дека разликата произлегува од различните методологии.
„Синдикалната кошница се базира врз процена на посакуваните трошоци за живот, додека нашата пресметка се темели врз официјални податоци за реално остварената просечна потрошувачка“, истакна Дурмиши.
Тој нагласи дека различните пристапи не треба да се гледаат како обид едната пресметка да се прогласи за поважна од другата, туку како показатели што се добиваат со различни методолошки пристапи.
„Ова не значи дека ги оспоруваме потребите на граѓаните. Напротив, сметаме дека јавноста треба да располага со повеќе релевантни податоци, но и да знае што точно покажува секоја пресметка“, додаде Дурмиши.
Според податоците што ги презентираше министерот, од јануари до август годинава има зголемување на вредноста на кошницата за 2.095 денари, односно за 3,7 проценти.
„Нашата цел е јасна- да имаме реална, објективна и транспарентна слика за тоа колку трошат домаќинствата во Македонија, врз основа на службени статистички податоци, реалната потрошувачка и цените на производите и на услугите на пазарот“, изјави Дурмиши.
Според пресметката на Сојузот на Синдикати на Македонија, во август на едно четиричлено семејство му биле потребни 2.262 денари повеќе месечно за основните потреби отколку на почетокот на годината.
Според пресметките на ССМ, на едно четиричлено семејство во септември 2026 година му се потребни 25.259 денари за храна и пијалаци, што е 36,4 проценти од целата синдикална минимална кошничка.
Министерот за економија и труд најави дека институцијата ќе продолжи внимателно да ги следи движењата на цените, особено кај основните прехранбени производи. Тој додаде дека за пресметката се користеле податоци од Државниот завод за статистика, цените на производите во осум града, податоците од 23 пазари за овошје и зеленчук, како и цените на најпродаваните прехранбени производи во петте најголеми и три регионални трговски синџири.
Според него, податоците од потрошувачката кошница треба да придонесат за подобро планирање на економските политики и мерките за заштита на животниот стандард.


