„Плати две – земи три“, „Голема акција“, „Купи 1- добиј 1 гратис“, „Заштеди повеќе“, „Земи повеќе, плати помалку“… Овие се некои од натписите кои секојдневно може да се забележат на излозите од продавниците, маркетите или во рекламните летоци.
Во услови на континуирано поскапување на храната и животните трошоци, македонските граѓани не кријат дека се повеќе ги следат тековните намалувања во маркетите и често купуваат кога саканите производи им се „на акција“.
„Во последните месеци толку многу пораснаа цените на производите во маркетите, што почнав да листам по телефон кој производ во кој маркет е на акција, за да одам да купам неколку. Знам дека и тие намалени цени се пак повисоки од колку што реално треба да бидат за македонскиот џеб, ама ете пак се подлажуваме“, вели скопјанката Мира која ја сретнавме пред еден маркет во општина Аеродром.
И вработените во маркетите велат дека акциите се дел од маркетинг кампањата, но и дека забележале дека производите „на акција“ побрзо се трошат.
„Во нашите маркети често имаме акции и цени со попуст. Исто така ги намалуваме на пола цена производите кои имаат краток рок на употреба и тоа задолжително го назначуваме на амбалажата на производот. Имаме муштерии кои купуваат и по десет броја од производот кој е намален, на пример паштета или нешто друго што е во конзерва итн.“, вели Ивана, продавачка во еден од големите маркети во Скопје.
Од „супер цена“ до празен паричник: Како акциите во маркетите влијаат врз семејниот буџет?
Дека граѓаните се почесто купуваат производи на акција забележале и од Организацијата за заштита на потрошувачите. Причината ја лоцираат во намалената куповна моќ и зголемените трошоци за живот.
Граѓаните се повеќе споредуваат цени и ги пратат актуелните флаери за попусти во маркетите, па врз основа на тоа планираат што ќе купат. Многу често се одлучуваат за производи кои во моментот се на промоција. Но дали навистина акциите им помагаат на граѓаните да заштедат?
„Акциите можат да им помогнат на потрошувачите да заштедат, но само доколку станува збор за реално намалување на цената. Потрошувачите треба да бидат внимателни бидејќи не секој попуст значи и вистинска заштеда. Понекогаш акциите се дел од маркетиншка стратегија за привлекување купувачи, па затоа е важно граѓаните да ги споредуваат цените и да не се водат само од ознаката „попуст“ или „акција“, вели за Колегиум.мк, Татјана Тасевска, правен советник во Организацијата на потрошувачи.
Таа додава дека често се соочуваат со поплаки од потрошувачи кои тврдат дека цената на производот на рекламните флаери и веб страните на трговците е една но на каса им се наплатува повисока цена од онаа која се рекламира. Во такви случаеви потрошувачот има право да ја плати цената која е наведена на рекламниот флаер или веб страната на трговецот и секако да пријават вакви неправилности до надлежниот Државен пазарен инспекторат.
Од друга страна бројни се и претставките од потрошувачи кои се однесуваат на начинот на кој се прикажуваат попустите и промоциите.
„Најчесто граѓаните укажуваат дека се сомневаат во реалноста на одредени намалувања или дека претходната цена не била јасно прикажана. Нашата препорака до потрошувачите е секогаш да ја проверуваат редовната и намалената цена, да споредуваат производи и да не носат одлуки само врз основа на рекламната порака за попуст. Само јасно и транспарентно информирање овозможува фер однос меѓу трговците и потрошувачите“, советува Тасевска.

Во меѓувреме, животот во Македонија останува финансиски предизвик за голем дел од домаќинствата, иако инфлацискиот притисок значително се намали во однос на претходните години. Најновите податоци покажуваат дека цените во јули биле 2,3 отсто повисоки од истиот месец лани, додека просечната нето-плата во мај достигнала 49.544 денари, со номинален годишен раст од 8,2 отсто. Во исто време, минималната синдикална кошница за четиричлено семејство во јули изнесува 68.498 денари – сума што е речиси 19.000 денари над една просечна плата.
Инфлацијата забавува, но цените се повисоки
Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата измерена преку индексот на трошоците на животот во јули 2026 година изнесувала 2,3 отсто на годишно ниво. Тоа значи дека просечното ниво на трошоците за живот е за 2,3 отсто повисоко отколку во јули ланската година.
Сепак, во јули, не сите цени се движеле во иста насока. Храната и безалкохолните пијалаци поевтиниле за 1,1 отсто во однос на јуни, додека кај покуќнината и опремата за домаќинствата е забележано намалување од 1,4 отсто. Од друга страна, транспортот има значителен ценовен притисок, со раст од 4,4 отсто на месечно ниво во рамките на структурата на трошоците.
Но, еден од најдиректните показатели за тоа колку чини секојдневниот живот е синдикалната минимална кошница на Сојузот на синдикатите на Македонија(ССМ).
Таа пак, за јули 2026 година изнесува 68.498 денари за четиричлено семејство без автомобил. Најголем дел од овие пари одат за храна и безалкохолни пијалаци. За нив, според пресметката на ССМ, се потребни 25.012 денари месечно, односно околу 36,5 отсто од целата кошница.
И покрај притисокот врз домашните буџети, статистиката покажува и позитивен тренд. Така на пример, реалната нето-плата во мај 2026 година била 5,3 отсто повисока од реалната плата во истиот месец претходната година. Тоа значи дека, кога ќе се земе предвид растот на цените, куповната моќ на просечниот вработен е подобрена.
Сепак, подобрувањето на просечната куповна моќ не значи автоматски дека животниот стандард е висок.
Купувањето „на акција“ не секогаш значи и заштеда
Сите овие промотивните пораки одамна се составен дел од секојдневното пазарење и во Европа. Но, во услови на високи трошоци за живот, акциите повеќе не се само начин маркетите да привлечат купувачи, туку стануваат и стратегија на домаќинствата за растегнување на семејниот буџет.
Најновото истражување на McKinsey и EuroCommerce покажува дека во 2026 година, 37 отсто од европските потрошувачи активно бараат промоции, додека 46 отсто велат дека бараат начини да заштедат пари. Кај домаќинствата со пониски приходи интересот за промоции е уште поголем
Токму затоа, Европската Унија има правила според кои, кога трговец најавува намалување на цена, треба да ја прикаже и претходната цена. Европската Комисија објаснува дека целта е потрошувачот да може полесно да споредува цени и да не биде доведен во заблуда.
Европската Комисија во март 2026 година повторно предупреди дека трговците мора да ги почитуваат правилата за намалување на цените и заштита од нефер комерцијални практики.
Светските експерти пак, предупредуваат дека купувачот не штеди секогаш кога купува „на акција“ – понекогаш акцијата го убедува да купи нешто што воопшто не планирал.“


