Разбиена бугарска Кју Клукс Клан организација: Лидерот во притвор, за членовите по 1.000 евра казна

Објавено:

Окружниот суд во Пловдив денеска му одреди притвор на 32-годишниот Николај Чалаков, кого обвинителството го посочува како водач на крајнодесничарската расистичка организација „Кју-клукс-клан – Дивизија Пловдив“ која беше откриена пред три дена, објави Бугарското национално радио.

Според Радио Пловдив, тој е обвинет дека раководел со група што проповедала и поттикнувала дискриминација, насилство и омраза врз основа на раса, етничка припадност и сексуална ориентација. Според обвинителството, членовите планирале насилни напади и подметнување пожари во пловдивската населба „Столипиново“, пренесе Радио Пловдив.

Чалаков и уште десет лица, меѓу кои четворица малолетници, биле приведени на 17 ноември во заедничка операција на полицијата и Државната агенција за национална безбедност во Пловдив и Раковски.

При претресите на 14 адреси и две возила биле пронајдени знамиња, свастики, маски, телефони, книги и облека со симболи што, според истражителите, укажуваат на припадност кон организацијата. Останатите полнолетни обвинети се пуштени со парична гаранција од по 1.000 евра, а малолетниците се ставени под надзор на надлежната служба за работа со деца, пренесе Днес.бг.

Според обвинителството, групата комуницирала преку затворена онлајн-група, а информациите за состаноците се пренесувале од човек на човек за да се прикрие нејзината активност.

Чалаков ги негирал тврдењата на сведоците и побарал поблага мерка. Неговата одбрана оспорила дека има доволно докази оти тој организирал и раководел со структурата.

Судската одлука не е конечна и може да биде обжалена пред Апелацискиот суд во Пловдив.