На едно домаќинство во ноември му се потребни 70.827 денари за основните месечни трошоци, според пресметката на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Тоа е за 469 денари повеќе од октомври, кога синдикалната минимална кошница изнесуваше 70.358 денари.
Ако домаќинството живее под кирија во стан од 60 квадратни метри, вкупниот месечен трошок се зголемува на 86.202 денари, односно за 15.375 денари.
Во таа пресметка, за кирија, вода, струја и греење заедно се потребни 21.754 денари.
Само за храна и пијалаци, според ССМ, во ноември се потребни 25.902 денари. Во пресметката без кирија, за сметки се предвидени 6.379 денари, а за превоз уште 5.105 денари.
Синдикалната кошница е процена на тоа колку пари му се потребни на едно домаќинство за еден месец. Не значи дека секое семејство троши исто, но покажува колку се менува месечниот буџет кога на основните трошоци ќе се додаде и киријата.
Истовремено, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши денеска изјави дека просечната потрошувачка кошничка во октомври била 59.149 денари што е 942 денари повеќе во однос на септември или 1,6 отсто.
На брифинг со медиумите, Дурмиши информира дека најголемо зголемување има кај храната и пијалаците, посебно кај зеленчукот и овошјето. Раст има и кај домувањето, облеката и обувките, рекреацијата, културата, електриката, гасот и други горива.


