Родители на ученици во едно скопско училиште пријавиле дека забележале знаци на самоповредување кај нивните деца. Неофицијално, сомнежот е дека млада девојка за која се претпоставува дека е Германка и која, наводно е член на онлајн групата „764“ им пристапува на децата и се обидува да ги намами и придобие, велат родители со кои разговараше Колегиум.мк.
Се работи за насилна онлајн заедница чии членови таргетираат деца, малолетници и други ранливи лица, со цел нивно манипулирање, заплашување и принудување на опасни и насилни дејствија. Групата „764“ дејствува преку различни социјални мрежи, апликации за комуникација и платформи за онлајн игри. Контактот со потенцијалните жртви се одвива преку најпопуларниѕе платформи меѓу младите како на пример Discord, Telegram, Roblox, Instagram, TikTok, Snapchat, Reddit, X (поранешен Twitter), Minecraft и Fortnite.
Од Министерството за внатрешни работи од каде што денеска испратија апел до родителите да ги препознаат опасностите од оваа група, за Колегиум.мк велат дека постапуваат по добиените пријави и сознанија поврзани со оваа проблематика. Сѐ уште не е потврдено дали случаите се поврзани со групата 764.
„Во тек се активности за проверка и анализа на информациите, при што се испитува и евентуалната поврзаност со групата „764“, имајќи предвид дека во одредени случаи се забележани елементи кои укажуваат на таква можност. Поради тековните активности, во оваа фаза не би изнесувале конкретни податоци за бројот на пријави и градовите од кои се поднесени. По целосно утврдување на фактите, јавноста ќе биде соодветно информирана“, велат од МВР.
Министерството за внатрешни работи апелира до родителите, старателите, наставниците и пошироката јавност за зголемена внимателност во однос оваа појавата за која предупредуваат и меѓународните безбедносни институции, меѓу кои и Федералното истражно биро на САД (ФБИ), кое групата „764“ ја поврзува со пошироки нихилистички насилни екстремистички заедници и сродни групи.
Како делува групата „764“?
Експертите за сајбер криминал и установите за превенција го опишуваат дејствувањето на мрежите како „764“ како „многу организирано“. Тоа значи дека сторителите целно бараат ранливи млади лица, знаци на семејни конфликти или депресивни назнаки кај потенцијалните жртви.
Најчесто, контактот со децата и младите го воспоставуваат претставувајќи се како нивни врсници или како лица заинтересирани за пријателски или емотивен однос. Откако ќе ја стекнат нивната доверба, започнуваат со манипулации, закани и уцени, со цел да ги принудат да споделуваат интимни фотографии и видеоснимки, да се самоповредуваат, да вршат насилство врз други лица или животни, па дури и да преземаат дејствија кои можат да имаат животозагрозувачки последици.
Материјалите што ги добиваат потоа ги користат како средство за дополнително заплашување, уценување и контрола врз жртвите.
Најголемиот проблем е што овие мрежи функционираат без физички граници. Сторителите можат да бидат во САД или во Грција, а жртвата во Македонија – додека уцените, контактите и размената на материјали се одвиваат целосно преку интернет.
Обрнете внимание со кого комуницира вашето дете
Ненадејните промени во однесувањето кај детето, како на пример повлекување во себе, страв, вознемиреност или раздразливост може да е еден од сигналите дека нешто сомнително се случува со детето.
Од МВР апелираат родителите да обрнат внимание доколку исто така забележат зголемена таинственост при користењето на мобилниот телефон или компјутерот, интензивна комуникација со непознати лица преку социјалните мрежи и платформите за онлајн игри, примање заканувачки пораки, уцени или барања за испраќање фотографии и видеоснимки, необјасн ети повреди, исеченици, гребнатини или други можни знаци на самоповредување, како и изразување безнадежност или разговори за смрт и самоубиство.
Сепак овие промени не мора да значат дека детето е жртва на ваква група, но доколку се забележат, важно е да не се игнорираат. Упатените советуваат родителите редовно да разговараат со децата за нивните активности на интернет, да покажуваат интерес за тоа со кого комуницираат и какви содржини следат, како и да ги едуцираат за ризиците од споделување лични податоци, лозинки, интимни фотографии и видеоснимки со непознати лица.
Особено е важно децата да знаат дека доколку некој ги уценува, заплашува или манипулира со нив, треба веднаш да побараат помош од родителите, старателите, наставниците или надлежните институции.
Од Тексас до Европа: Како настана мрежата „764“?
Мрежата „764“ се појавила во 2021 во Соединетите Држави. Нејзиното име потекнува од првите три цифри на поштенските броеви на градот Стивенвил во Тексас, од каде што потекнувал нејзиниот основач, кој во времето на формирањето бил малолетник. Според обвиненијата на американското правосудство, мрежата принудувала малолетници, вклучително и деца на возраст од 13 години, на сексуални дејства, самоповредување и други форми на насилство.
Јавноста во Германија лани беше шокирана по убиството на седумгодишно девојче кое во 2024 година во Лајпциг го изврши нејзината 13-годишна сестра која пак наводно била поттикната од членови на групата „764“. Соодветни записи од разговори наводно биле пронајдени во мобилниот телефон на девојчето, пренесе Феникс магазинот. Истраги против наводни членови на оваа група се водеа во најмалку пет германски покраини.
За регионот пак значаен е случајот во Грција. Во април 2025 година, во Солун, по барање на американските власти, беше уапсен Леонидас Варагијанис, американски државјанин со грчко потекло. Тој беше осомничен дека е еден од раководителите на мрежата 764, односно на нејзината подгрупа 764 Inferno.


