Истражување открива дека во 78% од случаите сторителот бил познат на детето, а само 1% од жртвите пријавиле во полиција. Најчесто изложеноста била преку социјалните мрежи. Децата жртви имаат 12 пати поголема веројатност за самоубиствени мисли. Најголем дел од децата кажале на некого за злоупотребата, но само 1% пријавиле во полиција, исто колку и во центрите за социјална работа.
Едно од десет деца во Македонија биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба олеснета преку технологијата. Ова одговара на приближно 12 илјади деца на возраст од 12 до 17 години кои биле изложени на ова на национално ниво во текот на една година.
Дури во 78% од случаите сторителот бил лице познато на детето.
Ова се дел од клучните наоди на истражувањето „Disrupting Harm во Северна Македонија“. Ова истражување, кое денеска беше презентирано во земјава, е дел од повеќедржавната програма Disrupting Harm, финансирана од Safe Online, а спроведена од ECPAT International, Интерпол и Канцеларијата за истражување и предвидување на УНИЦЕФ – Innocenti, во партнерство со национални институции и организации.
Во повеќе од половина случаи злоупотребата била преку социјалните мрежи
Резултатите покажуваат дека во дури 52% од инцидентите злоупотребата била преку социјалните медиуми. Во 30% од случаите изложеноста била преку платформи за онлајн-игри.
Најчесто пријавувани платформи биле „Инстаграм“ (76%), „Снепчет“ (55%), „Тик-ток“ (51%), „Ватсап“ (40%), „Фејсбук“ (34%), „Јутјуб“ (29%) и „Икс“ (21%).

Како што се констатира во истражувањето, најчеста форма е изложувањето на децата на сексуална содржина без нивна согласност, а друга форма вклучувала барања децата да споделат фотографии или видеа на кои се прикажани нивните интимни делови.
Срам, стигма и недоверба во институциите
Авторите на истражувањето потенцираат дека никогаш не треба да се очекува децата да ја сносат одговорноста за спречување или справување со експлоатација или злоупотреба.
Запрепастувачки е податокот дека иако 88% од децата ја откриле злоупотребата некому, пријавувањето до формалните институции е реткост. Само 1% пријавиле во полиција, исто толку во центрите за социјална работа, а 0,2“ контактирале линија за помош.
Најчесто, децата за ова кажувале на мајките или старателките (23%), потоа на пријатели (21%) или на браќа или сестри (21%).

„Клучните пречки за пријавување вклучувале срам и стигма поврзани со сексуалното насилство, недоверба во институциите и потреба од вклучување на родителите во формалните постапки за пријавување. Меѓу децата што не пријавиле, 29% изјавиле дека пријателите/ките ги обесхрабриле; 28% навеле закани од сторителот; а 11% пријавиле обесхрабрување од родителите“, пишува во заклучоците од анализата.
Исто така, стручните лица пријавиле оти некои родители избегнуваат да пријавата бидејќи стравуваат од секундарна виктимизација и затоа што немале доверба дека институциите ќе обезбедат ефективна заштита и правда.
Последици: Децата жртви имаат 12 пати поголема веројатност за самоубиствени мисли
Според анализата, децата изложени на сексуална експлоатација или злоупотреба имале 11 пати поголема веројатност да се самоповредат и 12 пати поголема веројатност да имаат самоубиствени мисли и однесување во споредба со оние што не биле изложени.
Било забележано оти доживуваат и значително поголемо ниво на анксиозност.
„Стручните лица пријавиле дека засегнатите деца често доживувале срам, губење контрола, тешкотии со спиењето, стрес и анксиозност, вклучително и страв дека сексуалната содржина може трајно да остане онлајн. Овие последици често продолжувале долго по злоупотребата“, пишува во извештајот.
Кои се решенијата?
Авторите на истражувањето потенцираат оти не може да се очекува децата сами да се заштита од злоупотреба. Справувањето со овие штетни норми, се посочува, мора да биде клучен дел од напорите за превенција и одговор и да се препознае дека и девојчињата и момчињата може да бидат засегнати со проблемот и да се соочуваат со различни пречки.
Препораките се дека Северна Македонија треба да го зајакне законодавството и капацитетите на системот за да обезбеди сексуалната експлоатација и злоупотреба олеснета преку технологијата да се спречува, открива истражува и гони. На пример, се посочува, треба да има одржливи инвестиции во судството и останатите институции, да се намалат одложувањата и да се обезбеди постапување по предметите кое ќе биде приспособено кон децата.
Исто така, потребно е оспособување на децата, семејствата и заедниците да ја спречат злоупотребата и да побараат помош.
„Децата треба да добиваат образование приспособено на возраста и засновано на докази за односите, согласноста, границите и безбедноста на интернет, развиено со нивно учество и интегрирано во националната наставна програма. Наставниците и училишниот персонал треба да добијат акредитирана обука за чувствително пренесување на овие содржини и соодветно постапување при откривање злоупотреба. Програмите за родители и старатели и иницијативите за зајакнување на јавната свест треба да го зајакнат разбирањето на дигиталниот живот на децата, да поттикнат отворена комуникација, да ги оспорат штетните стереотипи и обвинувањето на жртвата и да ја зголемат информираноста за услугите за пријавување и поддршка“, се препорачува во извештајот.
Понатаму, се препорачува дека треба да се зајакне отчетноста на платформите и безбедноста на интернет. Платформите, како што се посочува, треба да ги применуваат принципите на безбедност вградени во дизајнот и брзо да откриваат и отстрануваат материјали со сексуална злоупотреба да деца, како и да подлежат на ефективен надзор.
Меѓу клучните препораки е и да се обезбеди секое дете безбедно да може да пријави и да добие поддршка.
„На децата и семејствата им се потребни јасни, доверливи начини за барање помош и пријавување злоупотреба кои се приспособени кон децата“, се наведува во извештајот.
За тоа да се случи, се констатира, треба да има посилна меѓусекторска координација, поголема достапност на возрасни лица од доверба, соодветно финансирани линии за помош и достапна специјализирана психосоцијална поддршка низ целата земја. Потребен е и јасен национален протокол за пријавување и одговор.


