Додека функционерите велат дека силно се залагаат за борба против насилството врз жените, партиските тела на жени во ресторани одбележуваат „16 дена активизам“, под мотото „Сплотени дејствуваме, одлучни против насилство“, законските измени кои пратениците треба да ги изгласаат за полицајците да можат полесно да го отстранат насилникот од домот и да им понудат подобра заштита на жртвите, со месеци стојат во некоја „фиока“. Во меѓувреме јавноста беше потресена од неколку случаи на убиства и обид за убиства на жени.
Во околу 90 проценти од анализираните случаи на фемициди и обиди за фемициди, за кои има податоци за претходно пријавено насилство, полицијата била запознаена со насилството. И покрај тоа, жените биле убиени или биле цел на обид за убиство.
Седум милиони евра годишно треба да одвојува државата за се создаде еден сеопфатен национален систем за заштита на жените и децата жртви на семејно насилство по пријавувањето. Ова го покажуваат пресметките на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство. За споредба, осум милиони евра ја чини реновирање на булеварот „Партизанска“, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки.
Ако државата ги одвои тие пари ќе може да се понуди вистински одговор на прашањето, што откако жртвата на семејно насилство ќе го пријави насилникот. Семејното насилство не се решава само со пријaвување на насилникот во полиција. Проблемот се решава кога системот ќе ѝ помогне на жртвата да излезе од кругот на насилството и да го казни насилникот за стореното.
Граѓанските организации кои се дел од Националната мрежа уште во мај годинава побарале да ѝ образложат на една од ретките жени која се грижела за државната каса, министерката Гордана Димитриеска Кочоска, зошто е потребно државата следната година да обезбеди најмалку 3,25 милион евра наместо досегашните 200 илјади евра годишно, и да започне со создавање на функционален систем за заштита на илјадниците жени кои ги полнат полициските билтени како жртви.
Со тие пари, освен што ќе се вложи во кадар кој не е доволен во Центрите за социјална работа и полицијата, ќе се покријат потребите од засолништа, психолошка поддршка, бесплатна правна помош и други специјализирани услуги кои ќе им овозможат на жените да излезат од кругот на насилството.
Во август годинава група пратенички од владејачкото мнозинство поднесоа предлог измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и деца. Измените биле изработени со помош на надлежните институции кои и ќе треба да ги спроведуваат министерствата за социјална политика и за внатрешни работи, како и граѓанскиот сектор. Но, ниту еден претставник од Министерството за финансии – тоа што треба да ги даде парите, не учествувал во работните групи за подготовка на законот, велат од Мрежата.
Закон заглавен во собраниска фиока поради антиродови движења?
Предлог-измените на Законот беа изготвени по трагичниот случај со Ивана и Катја во март годинава на иницијатива на институциите и тоа по скратена постапка, но веќе три месеци чекаат да бидат ставени на дневен ред на пленарна седница за да ги изгласаат пратениците.
„Многу луѓе кои се на позиции на моќ, кои се на позиции да направат промена и навистина да го подобрат системот на заштита на жените и децата жртви на насилство, избираат да се сликаат, да ветуваат и да даваат декларативни заложби. Но, од година во година гледаме дека ништо не се случува“, вели Елена Димушевска од Националната мрежа.
Според неофицијалните информации со кои располага Националната мрежа, дел од пратениците, под влијание на антиродовите движења, го блокираат отворањето на собраниската расправа за законските измени.
Целта, според Димушевска, е предлог-измените да бидат повлечени и да се отвори нов процес во кој од законската регулатива би биле отстранети термините род, родово базирано насилство и родов идентитет.
„Не може да зборуваме за насилство врз жените ако не зборуваме за родот, за родовите улоги, родовите норми и родовите стереотипи воспоставени како дел од патријархалниот систем на вредности“, вели Димушевска.
ТИМОТ НА КОЛЕГИУМ.МК НАПРАВИ ГЕЈМИФИКАЦИЈА НА СТОРИЈА КОЈА НА ЕДЕН ПОИНАКОВ НАЧИН ГИ ПРИКАЖУВА ЧЕКОРИТЕ НА ПРИЈАВУВАЊЕ НА СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО, НО И СОПКИТЕ ВО СИСТЕМОТ.
ИГРАЈ ЈА ПРИКАЗНАТА ТУКА
Отстранувањето на овие поими, предупредуваат организациите, би го отежнало препознавањето на мотивите за насилството, особено во случаите на интимно партнерска насилство, што би значело многу чекори назад во борбата против семејното насилство.
Седум месеци од надзорната расправа – нема ниту заклучоци
Дополнително декларативната заложба на пратениците се гледа и по надзорната расправа која се случи во Собранието еден месец по трагичната смрт на Ивана и Катја.
Во април годинава во Собранието се одржа надзорна расправа за семејното и родово базираното насилство. На неа сведочеа претставници на надлежните институции. Седум месеци подоцна, Комисијата за еднакви можности на жените и мажите сè уште нема усвоено заклучоци од расправата. Граѓанските организации бараат заклучоците да содржат конкретни обврски и рокови за институциите, за јавноста да може да го следи нивното исполнување.
Во спротивно, и надзорната расправа, како и бројните ветувања за нулта толеранција кон насилството, ризикува да остане уште една заложба без конкретен резултат.
„Ако судиме ретроспективно во однос на тоа што се случувало во измените во години, тоа е дека секогаш кога медиумите будно следат одреден случај, се случува некоја помрднување од страна на институциите, меѓутоа од истото помрднување нема епилог“, вели Атанас Аврамов од Мрежа.
Што се менува во законот?
Со измените на законот се предвидува зголемување на полициските овластувања, односно можност полицијата при непосредна и сериозна опасност да го отстрани насилникот од домот, по што ќе следува и судска одлука која ќе се однесува на мерки за заштита. По првичната проценка за опасноста, полицијата ќе може да ја заштити жртвата на насилството.
Дополнително се предвидува и нова мерка, 12-та,а тоа е дефинирање на децата како индиректни или директни жртви на насилство. Тоа значи кога судот одредува мерка забрана за доближување или комуникација на насилникот со жртвата, таква привремена мерка да се изрече и за негов контакт со децата, со цел намалување на притисокот врз жртвата дека ќе мора да се сретне со него.
Особено проблематичен, според граѓанските организации, е досегашниот третман на децата кои сведочат на насилство во домот. Во практиката, на насилникот може да му биде забранета комуникацијата со жената, но не и со нивните деца, преку кои неретко продолжува насилството врз мајката. Децата, предупредуваат организациите, се жртви на семејното насилство и кога тоа не е директно насочено кон нив.
Еден од новитетите во законот е можност за воспоставување систем за надзор над сторителите на кои им е изречена забрана за приближување до жртвата. Станува збор за електронско следење на насилниците со нараквица.
Во околу 90 проценти од анализираните случаи на фемициди и обиди за фемициди, за кои има податоци за претходно пријавено насилство, полицијата била запознаена со насилството. И покрај тоа, жените биле убиени или биле цел на обид за убиство.
Ова е еден од наодите од анализата на 59 случаи на фемициди и обиди за фемициди, изработена од Хелсиншкиот комитет и Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
И сегашниот закон можел да спречи убиства
Проблемот со заштитата на жените не се сведува само на законската регулатива. Според граѓанските организации, и постојниот закон од 2021 година давал основа за навремено постапување на институциите во случаите кои завршија со трагичен исход. Клучниот проблем е неговата примена, проценката на ризикот и отсуството на одговорност за институционалните пропусти.
Затоа Хелсиншкиот комитет бара да се преиспита постапувањето на институциите во сите случаи на фемициди и обиди за фемициди и да се утврди индивидуална одговорност за пропустите.
„Од случајот за Ивана и Катја, имаше некоја информација дека неколку полициски службеници ќе бидат кривично гонати, меѓутоа се уште не знаеме ништо околу тоа. За случајот со Росица, дури сега добивме информација дека Обвинителство ќе поднесува обвинение за 8 или 9 полициски службеници кои што го затајувале предметот и поднесените пријави што доведе да убиството нејзино и на нејзиниот татко. Така што нашето барање е во сите овие фемициди коишто ни се случија како и обиди за фемициди, институциите коишто се надлежни да го испитуваат постапувањето. Да проверат дали е направена соодветна проценка на ризик, дали е воопшто направена проценка на ризик и кој конкретно е одговорен и треба да одговора кривично за таквите пропусти“, вели Наташа Петкоска од Хелсиншки комитет.
Таа објасни дека анализата на судските пресуди за периодот од 2014 до 2024 година, која опфаќа и неколку случаи од 2025 година, покажува дека најчесто сторителот е човек од најблиското опкружување на жртвата, дека убиствата најчесто се случуваат во домот на жртвата или во заедничкото живеалиште, како и дека во судските одлуки жртвата е речиси невидлива, а фокусот е ставен врз сторителот.
Според податоците од Министерството за внатрешни работи годинава се регистрирани седум фемициди. МВР поднело 1.450 кривични пријави за семејно насилство во 2026, што претставува зголемување од 50% во споредба со минатата година.
По трагичната смрт на Ивана и Катја, за само два месеци биле поднесени 309 пријави, а речиси 180 лица биле лишени од слобода. Полицијата од март навака редовно објавува во полициските билтени за инциденти предизвикани од семејно насилство, што претходно не беше пракса. Во одредени денови се бележат и по 15 пријави во рок од 24 часа. Само во ноември, 17-годишната Билјана од Богданци беше запалена во кола од нејзиниот партнер, кој по убиството се самоубил, Сара од Охрид беше претепана и фрлена од автомобил пред маркет, а млада битолчанка заврши во болница откако нејзиниот нејзиниот партнер ја претепал и се обидел да ја задави.
Последниот извештај за фемицид (The 2026 Femicide Brief) објавен од Канцеларијата на ОН за дрога и криминал (UNODC) и Телото на Обединатите Нации за родова еднаквост (UN Women) по повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, покажува дека на на секои 11 минути, односно по пет жени секој час или 129 жени дневно на светско ниво се жртви на фемицид.


