Полицијата ќе може да ги отстранува насилниците од домот, дури и кога се сопственици на недвижноста, а со судска одлука ќе може да се воведе и електронско следење на сторителите. Ова се дел од предложените измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, со кои се прецизираат надлежностите на институциите и спроведувањето на итните и привремените мерки.
Една од значајните новини е можноста полициски службеник, доколку утврди сериозен ризик за безбедноста на жртвата, веднаш да нареди отстранување на насилникот од домот. Усната наредба ќе важи 48 часа, а во рок од шест часа треба да биде доставена и во писмена форма. Судот потоа ќе одлучува дали мерката ќе ја продолжи до 30 дена или ќе ја прекине.
Предвидена е и можност одредени мерки да се спроведуваат со електронски алки за следење на сторителите, со судска одлука. Министерството за внатрешни работи ќе биде надлежно за спроведување на најголем дел од итните и привремените мерки, Министерството за здравство за одредена мерка, а советувалиштата за сторители ќе го спроведуваат нивното советување.
Предлог-измените, во чие изготвување учествувале претставници на МВР и Министерството за социјална политика, демографија и млади, треба да бидат доставени до Собранието на разгледување и усвојување.
Рекорден број пријави на семејно насилство
Измените се предлагаат во услови на раст на пријавите за семејно насилство. Во првите десет месеци од 2026 година биле регистрирани 1.897 случаи, наспроти 1.125 во истиот период лани, што е зголемување од 70 проценти. Во просек, во земјава секој ден се пријавуваат најмалку три кривични дела семејно насилство со најмалку три жртви.
Според анализата на МВР, од 2021 до 2025 година биле регистрирани 5.699 сторители на семејно насилство, од кои 91 процент се мажи. Во истиот период биле пријавени 132 жени како сторителки, а во просек годишно биле евидентирани од 90 до 100 деца жртви на семејно насилство.
Во 2026 година досега се регистрирани и 7 фемициди. МВР годинава поднело 1.450 кривични пријави за семејно насилство, 50 проценти повеќе од минатата година, а изречени биле 163 мерки притвор, што е зголемување од 270 проценти во однос на 2025 година.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека зголемената ефикасност во постапувањето се должи и на можноста МВР по службена должност да постапува за нанесување телесна повреда при семејно насилство, а не само по пријава од жртвата.
„Клучно е што жртвите на семејно насилство сè повеќе пријавуваат. Не трпат, веднаш пријавуваат“, рече Тошковски на брифинг со новинарите.
Жените најчесто се нападнати во својство на сопруги, потоа како жени во вонбрачна заедница и како мајки.
МВР регистрирало жртви и во 214 прекршочни случаи, кои се однесуваат на карање, викање, малтретирање и тепање на јавни места.


