Тошковски за врсничкото насилство во Аеродром: Ние ќе си ја сработиме работата, понатаму треба да постапат Обвинителството и судот

Објавено:

Министерството за внатрешни работи (МВР) разговарало со девојчето – жртва од случајот со врсничкото насилство во Аеродром и со нејзин родител, ги повикало тие што биле присутни и снимале како и нивните родители. Ќе бидат поднесени кривични пријави против оној што исполнува законски услови за истото, но и против родителите, изјави мнистерот на внатрешни работи, Панче Тошковски денеска од Струмица каде во Секторот за внатрешни работи присутвуваше на промовирање на „Простории уредени за разговор со деца кои се во судир со законот“.

„Со тоа ние ќе си ја срабатиме работата како МВР, како што сме ја сработиле и во рамки на другите случаи во минатото, но очигледно она кое го работи Министерството не е доволно, односно понатаму треба да постапат Јавното обвинителство и судот и сето тоа да биде соодветно споделено со јавноста и преку медиумите, да бидат запознати сите оние кои во иднина повторно ќе се дрзнат да направат вакво насилство дека за сите следи санкција, дека за нивните родители ќе се следи санкција и дека оваа држава нема да дозволи ваков тип на грозоморно насилство на какво граѓаните имаа прилика да го посведочат во текот на вчерашниот ден“, изјави Тошковски.

Додаде дека во повеќе наврати имал разговарал со министерката за образование Весна Јаневска и е поставена платформа во иднина да се фокусираат на овој на тип насилство.

„Врсничкото насилство бара широк, меѓуинтитуционален одговор. На оваа тема имавме една трибина пред две недели на која учествуваа не само претставници од МВР, Министерство за образование, туку и министерот за демографија и млади беше на таа трибина, невладиниот сектор беше на таа трибина и тогаш утврдивме еден патоказ врз основа на кој би требало да се делува максимално во делот на превенцијата. Но, нема да дозволиме како држава да ни се случува секојдневно во рамки на парковите, училниците, дворовите и така натаму. Навистина, мора да имаме еден силен меѓуинтитуционален одговор, но и судот и обвинителството треба да си ја преземат својата улога во рамки на постапувањето, да изречат праведни и правични одлуки коишто освен од репресивен карактер. Ќе делуваат соодветно и од превентивен карактер“, рече Тошковски.

На новинарско прашање дали смета дека е потребна измена на законската регулатива за поголема одговорност на родителите, Тошковски рече дека секое прашање кое дополнително би требало да го зајакне институционалниот одговор во иднина заслужува внимание, така што и тоа ќе биде предмет на анализа во наредниот период.

Девојче на колена клекната добива шлаканици од група девојчиња е кусата содржина на последната видео снимка која се споделува на социјалните мрежи поврзана со врсничко насилство. Според изворот на видеото настанот се случил во скопската населба Аеродром. За краток период видеото се прошири и предизвика бурни реакции во јавноста.

На снимката се гледа како девојче моли за милост, додека неколку други девојчиња ја навредуваат, ѝ удираат шлаканици и ја влечат за коса. Дополнително инцидентот се случува пред очите на група малолетници, кои според видеото снимаат со телефони и го бодрат насилството, повикувајќи на уште удари.

Податоците што Колегиум.мк ги доби од МВР се драматични – од 2021 до 2025 за четири пати се зголемил бројот на регистрирани случаи на насилно однесување меѓу ученици, најмногу во основните училишта. Или – од 27 случаи во 2021, бројот пораснал на 119 случаи во 2025 година.