Вишото јавно обвинителство од Штип не најде одговорност кај родителите на децата кои тепаа соученичка

Објавено:

Родителите на ученичките кои тепаа и малтретираа соученичка во Штип, додека други машки деца го снимаа настанот, не се одговорни за постапките на нивните деца – вака утврдило Вишото јавно обвинителство во Штип, кое донело решение со кое се потврдува дека Основното јавно обвинителство во Штип правилно постапило кога ги отфрлило кривичните пријави против родителите на децата кои го тепаа и туркаа девојчето, според видео објавено на социјалните мрежи.

Насилството траело три месеци, од јуни до септември 2025 година, на повеќе локации во Штип – на пешачката патека близу градинката „Астибо“, во близина на Универзитетот „Гоце Делчев“ и на други места.

Како последици од насилството, ученичката имала контузија на главата, хематом на десна надлактица, гребаници и други повреди, според лекарски извештај во кој имаше увид Колегиум.мк.

Адвокатката Маја Ристова, која го застапува 12-годишното малтретирано девојче, поднесе кривични пријави и против родители на деца кои го правеле насилството и на тие кои го снимале или го гледале од страна. Судот прво ги отфрлил пријавите против родителите со образложение дека кривичното дело не се гони по службена должност. Потоа, Вишото обвинителство ја уважи жалбата на адвокатката и предметот го врати на повторно одлучување пред ОЈО-Штип.

Од причина што ОЈО – Штип постапило на ист начин, повторно била вложена жалба.

Но, денес Ристова добила Решение во кое Вишото обвинителство вели дека родителите не се одговорни за кривичното дело „запуштање и малтретирање на дете”, затоа што не биле свесни за дејствијата што ги преземале нивните деца.

„Од нивните искази произлегува дека од нивна страна биле превземани сите неопходни потребни дејства за воспитување, грижа и контрола на однесувањето на децата. По однос на постоење на умисла, јавниот обвинител правилно констатирал дека пријавените за време на настанот не биле свесни за дејствата што ги преземале нивните деца, во ниеден момент не се согласиле со истите. а тоа што децата не им кажале за настанот не значи дека истите (родителите, н.з), грубо ги занемариле своите должности за воспитување“, пишува во Решението од Вишото јавно обвинителство – Штип.

Адвокатката Ристова прашува – што уште треба да се случи за институциите конечно да се разбудат?

„Сведоци сме дека врсничкото насилство се повеќе зема замав, а наместо навремена превензија и конкретни мерки, повторно реагираме дури откако ќе има нов случај. Ова е црвен аларм. Државата мора итно да преземе системски мерки за превенција, да ги зајакне стручните служби во училиштата и да обезбеди безбедна средина за секое дете. Неопходно е центрите за социјална работа, јавното обвинителство и судиите за деца посериозно да пристапат кон овој проблем, да применуваат поефикасни законски механизми и мерки соодветни на тежината на секој случај, за да се испрати јасна порака дека врсничкото насилство нема да се толерира и дека секој што ќе го изврши ќе сноси последици – изјави Ристова за Колегиум.мк.

Постапката за овој случај на врсничко насилство, кој ја вознемири јавноста, трае веќе десет месеци. Исходот е – одговорност само за една од насилните девојки, која во моментот на делото имала наполнето 14 години. Обвинителството за неа определе засилен надзор од Центар за социјални работи, но судот утврди поблага мерка – засилен надзор од родител.

Тие што снимале, поминаа само со укор.

Вчера, на социјалните мрежи беше објавена уште една снимка од врсничко насилство во скопската населба Аеродром. На снимката се гледа како девојчето моли за милост, додека неколку други девојчиња ја навредуваат, ѝ удираат шлаканици и ја влечат за коса. Дополнително инцидентот се случува пред очите на група малолетници, кои според видеото снимаат со телефони и го бодрат насилството, повикувајќи на уште удари.

„Ќутете да слушнеме како ќе пука“, се слуша на снимката како изјавува едно од присутните момчиња, додека друг повикува „уште еднаш, уште еднаш“.

Од МВР соопштија дека во полициска станица е извршен разговор со две малолетнички и нивни родители во врска со насилството во скопски Аеродром и дека следуваат кривични пријави за кривично дело „насилство“ и за „запуштање и малтретирање на малолетно лице“.

Во обид да се заузда врсничкото насилство, министерката за образование Весна Јаневска најави по 250 евра казна за родители на ученици кои вршат насилство. Министерството за образование даде и насока до училиштата – наместо ученици, отсега да дежураат наставници, со образложение дека тие најдобро ги познаваат учениците и можат да спречат насилно и недолично однесување.

Меѓу случаи со врсничко насилство од оваа година е случајот од Ѓорче Петров, за кој беше објавено дека група од четири девојчиња малтретирале 13-годишно девојче, горејќи ја со цигара и принудувајќи ја да јаде измет од куче и тоа ги снимале со мобилен телефон. За нивните родители беа поднесени кривични пријави.

После тоа, пред училиштето „Стив Наумов“ во Битола патролираше полиција откако родители на ученици од седмо одделение испратиле претставка до Државниот просветен инспекторат, дека соученик на ТикТок се заканил со ликвидација на соученици.

Во училиште во скопската населба Ченто, поранешен ученик во училиштето со нож прободе деветооделенец кој поради повредите беше згрижен на интензивна нега во Клинички центар.

Податоците што Колегиум.мк ги доби од МВР се драматични – од 2021 до 2025 за четири пати се зголемил бројот на регистрирани случаи на насилно однесување меѓу ученици, најмногу во основните училишта. Или – од 27 случаи во 2021, бројот пораснал на 119 случаи во 2025 година.

Засилен надзор од родител или ЦСР, укор или упатување во поправен дом се мерките што им стојат на располагање на судовите според Законот за правда на децата.

Од 37 постапки со правосилно решение во 2025, најчеста санкција била засилен надзор од Центар за социјални работи.

Според Кривичен суд, најстрогата мерка – упатување во поправен дом – не е изречена ниту еднаш во 2025 и од почетокот на 2026 година.