„Ќутете да слушнеме како ќе пука“, малолетно девојче шамарано од врснички

Објавено:

Девојче на колена клекната добива шлаканици од група девојчиња е кусата содржина на последната видео снимка која се споделува на социјалните мрежи поврзана со врсничко насилство. Според изворот на видеото настанот се случил во скопската населба Аеродром. За краток период видеото се прошири и предизвика бурни реакции во јавноста.

На снимката се гледа како девојче моли за милост, додека неколку други девојчиња ја навредуваат, и удираат шлаканици и ја влечат за коса. Дополнително инцидентот се случува пред очите на група малолетници, кои според видеото снимаат со телефони и го бодрат насилството, повикувајќи на уште удари.

„Ќутете да слушнеме како ќе пука“, се слуша на снимката како изјавува едно од присутните момчиња, додека друг повикува „уште еднаш, уште еднаш“.

СВР Скопје презема мерки по допрен глас за утврдување на идентитетот на лицата и за целосно расчистување на случајот.

„Се повикуваат сите осомничени во врска со предметниот настан, а веќе е извршен разговор со жртвата во присуство на родител и известен е јавен обвинител“, велат од МВР за „Слободен печат“.

Во процедура се нови законски измени со кои ќе се предвидуваат санкции за родителите чии деца прават насилни дела. Целта на овие измени, како што изјави неодамна министерката за образование Весна Јаневска е да се создаде безбедна училишна средина откога во изминатиот период јавноста е сведок на неколку случаи на врсничко насилство, од кои последниот во основното училиште „25 Мај“ во Ченто кога со остар предмет беше повреден 15-годишен ученик.

Загрижувачки податоци од УНИЦЕФ

На почетокот на овој месец, УНИЦЕФ информираше дека повеќеод две од три деца на возраст од 1 до 14 години во земјава доживуваат насилна дисциплина во домот, што вклучува психолошка агресија и/или физичко казнување.

Вкупно 23 отсто од младите на возраст од 13 до 15 години во Северна Македонија пријавиле дека биле малтретирани најмалку еднаш во последните неколку месеци, покажуваат најновите податоци на УНИЦЕФ, водечка меѓународна организација за заштита на правата на децата.