Кривични пријави и за родители на учениците кои го тепале и снимале 12 годишното девојче во Штип

Објавено:

Една порака:

„Да не си кажала на никој за ова, оти уште толку ќе си го јадеш. Разбра ли ме“?

-„Добро“.

Друга порака: „Утре во 7, пак ли?“

„Да“.

Вака ученички од основното училиште „Ванчо Прке“ од Штип, на возраст од 12 до 14 години, преку пораки на вибер ѝ закажувале ќотек на 12 -годишна соученичка. Ја викале за да ја тепаат. Таа знаела што ја чека и свесно доаѓала на договорените средби – од страв дека насилството ќе стане уште полошо, покажува вибер комуникацијата во која Колегиум.мк имаше увид.

Тоа ѝ се случувало на шестооделенката за која адвокатката Маја Ристова објави видео од насилството:


„Следно, ѝ се заканувале дека ќе ја соблекуваат и така ќе ја снимаат“, вели адвокатката Ристова.

Таа поднела девет кривични пријави и против родители на деца кои го правеле насилството, на тие кои го снимале или го гледале од страна. Судот прво ги отфрлил пријавите против родителите со образложение дека кривичното дело не се гони по службена должност. Но, Вишото обвинителство ја уважило жалбата на адвокатката и мајката на шестооделенката завчера била викната да даде исказ.

Како последици од насилството, ученичката имала контузија на главата, хематом на десна надлактица, гребаници и други повреди, според лекарски извештај.

Дома за модриците кажувала дека паднала во училиште, додека случајот да излезе во јавност.

Психичките трауми допрва треба да се лекуваат.

Насилството траело три месеци, од јуни до септември 2025 година, на повеќе локации во Штип – на пешачката патека близу градинката „Астибо“, во близина на Универзитетот „Гоце Делчев“ и на други места.

Не знаејќи како да се справи, девојчето барало помош и од Чет џи-пи-ти. Во една порака напишала дека избегала од група деца кои сакаат да ја тепаат и прашала: „Дали направив правилно оти избегав?“.

„Безбедноста е најважна“, ѝ одговорил чет – ботот.

Учебната година ќе заврши, постапката уште трае

Постапката за овој случај е почната од пред девет месеци, од почетокот на учебната година досега и уште не е завршена. Извесно е дека ќе трае и откако годината ќе заврши. Кога семејството на девојчето – жртва разбрала за случајот, пријавила во полиција. Пријава има и во училиштето, во Министерството за образование, во Центар за социјални работи(ЦСР).

Јавното обвинителство почнало постапка за кривично дело „насилство врз дете“, но само за една од девојките кои учествувале во насилството – единствената која имала 14 години. За неа обвинителот предложил мерка засилен надзор од Центар за социјални работи. Но, судот ја заменил мерката со поблага – засилен надзор од страна на родителите. Адвокатката се жалела на оваа мерка и постапката уште трае.

„Построгите и навремени казни за врсничко насилство се важни затоа што помагаат да се спречи насилството и да се заштитат жртвите. Со тоа младите учат дека секое лошо однесување има последици, а училиштата стануваат побезбедно место за сите“, вели Ристова.

Останатите две ученички кои во видеото исто така ја удираат шестооделенката не одговараат кривично, бидејќи се помлади од 14 години. Дополнително, ОЈО покренало и постапка против двајца ученици за неовластено снимање. За ова дело обвинителството предложило мерка – Укор.

Училиштата немоќни пред булингот, бараат построги мерки

Намалено поведение е мерката што ја изрекло училиштето „Ванчо Прке“ за учениците кои ја тепале шестооделенката.

„Тоа е најстрога мерка што ние како училиште можеме да ја изречеме“, вели директорот Кокан Радев за Колегиум.мк.

Две ученички од тие што учествувале во тепачката сами побарале да бидат преместени во друга паралелка и во различна смена. И со сторителите и со жртвата на насилство работеле училишниот психолог и педагог. Намерата била да се следат промени во нивното однесување, расположение и ако ги има, наставниците навреме да сигнализираат.

Но, дали овие мерки ќе имаат ефект?

„Во овој случај – да, но дали ќе бидат поука и за останатите ученици да не посегнуваат по насилство, не можам да гарантирам“, вели директорот на штипското училиште.

Тој се согласува дека насилството во училиштата е голем проблем.

„Секојдневно имаме насилни акти, исмевање, сајбер насилство, никој од нас не може да го контролира., а рацете ни се врзани. Не смееме ни телефон да им земеме  Чекам да ни дозволат поригорозни мерки и ме радува што министерката за образование најави казни и за родителите“, вели Радев.

Податоците што Колегиум.мк ги доби од МВР се драматични – од 2021 до 2025 за четири пати се зголемил бројот на регистрирани случаи на насилно однесување меѓу ученици, најмногу во основните училишта.

nasilno odnesuvanje na ucenici 2021 - 2026

„Вакви ѕверства меѓу ученици порано немаше… да горат соученик со цигари, да тепаат брутално, да омаловажуваат, исмејуваат, да им е убаво кога друг страда од што го повредуваат и тоа да го снимаат…оваа држава треба најитно да спроведе строги казни и да го сопре тоа лудило во училиштата. Што им значат тие надзори што ги даваат, родителот да му рече на детето „друг пат немој така“, и тоа да ни биде доволно? Кај нас не беше доволно и остави трајни последици“, вели Тања Јовева, мајка на ученик во во седмо одделение чиј син го удирале и исмејувале во училиште оти бил срамежлив за разлика од повеќето во одделението.  

Психилог од основно училиште во Скопје вели дека учениците се помалку почитуваат авторитети, па не ни доаѓаат кога ќе ги повика после инцидент. И – не им може ништо.  

„Осмооделенец,  постојано навредува, се закача со останатите, кренал двојно послабо дете во воздух и го пуштил да тресне на земја. Го викам да дојде во канцеларија, ми вели: „не идам ма, што ми ќе ми направиш“. Ги повикувам родителите, ни тие не доаѓаат“, сведочи психологот кој сакаше да остане анонимен.   

Како изгледа надзорот од социјално и од родител?

Засилен надзор од родител или ЦСР, укор или упатување во поправен дом се мерките што им стојат на располагање на судовите според Законот за правда на децата.

Од 37 постапки со правосилно решение во 2025, најчеста санкција била засилен надзор од Центар за социјални работи.

Според Кривичен суд, најстрогата мерка – упатување во поправен дом – не е изречена ниту еднаш во 2025 и 2026 година. Последните случаи што ја шокираа јавноста, како што беше насилството во Ѓорче Петров, се во фаза на истрага.         

Како изгледа надзорот од ЦСР и колку ќе трае, зависи од мерката што ја изрекол судот. На пример, родителите и детето често да доаѓаат во ЦСР и со нив да работи стручен тим, или социјални работници да направат ненадејна посета на нивниот дом, или родителот добива конкретни задачи – на пример, ако детето бега од училиште, има обврска да го испрати до училиштето и секој ден да го прашува што правело додека било на часови.

ЦСР следи дали родителот ги исполнува задачите.

Но, и социјални работници се жалат на некоординираност меѓу институциите.

„Кај нас стручната работа не е проблем. Проблем е што процедури има куп, хартија куп, а не си ги почитуваме надлежностите едни со други. Ако ЦСР смета дека треба да се одреди една мерка, а судот одредува друга, што ние тука правиме?“, ни рече социјална работничка од Центар за социјална работа кој прави надзори и во случаи на врсничко насилство, покрај други кривични дела што ги направиле деца.

Во Министерството пријавуваат родители, учениците и наставниците молчат

На електронската адреса за пријави насилство во Министерството за образование и наука (МОН) стигнале 51 пријава во 2025 година и уште 25 пријави од почетокот на 2026 досега.

Од нив, само по две пријави се од ученици и наставници. Останатите 72 пријави се од родители.

Во обид да се заузда врсничкото насилство, министерката за образование Весна Јаневска најави по 250 евра казна за родители на ученици кои вршат насилство. Министерството за образование даде и насока до училиштата – наместо ученици, отсега да дежураат наставници, со образложение дека тие најдобро ги познаваат учениците и можат да спречат насилно и недолично однесување.

Меѓу последните случаи со врсничко насилство е случајот од Ѓорче Петров, за кој беше објавено дека група од четири девојчиња малтретирале 13-годишно девојче, горејќи ја со цигара и принудувајќи ја да јаде измет од куче и тоа ги снимале со мобилен телефон. И за нивните родители се поднесени кривични пријави.

После тоа, пред училиштето „Стив Наумов“ во Битола патролираше полиција откако родители на ученици од седмо одделение испратиле претставка до Државниот просветен инспекторат, дека соученик на ТикТок се заканил со ликвидација на соученици.

Неодамна, во училиште во скопската населба Ченто, поранешен ученик во училиштето со нож прободе деветооделенец кој поради повредите беше згрижен на интензивна нега во Клинички центар.