Кривични пријави за малолетничките од Ѓорче Петров за насилство врз девојче, ќе одговараат и родителите

Објавено:

Кривични пријави се поднесени против четири малолетнички (една 17 годишна и три 14 годишни) сите од Скопје, поради основи на сомнение дека извршиле две кривични дела „насилство“, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Според соопштението од полицијата, во два одделни настани, на 27 март и на 30 март, пријавените физички нападнале 13-годишна малолетничка, а видео запис и фотографии од настаните биле објавени на социјална мрежа.

МВР најави дека СВР – Скопје ќе поднесе кривична пријава и против родители на инволвираните малолетници.

Силна осуда во јавноста предизвика овој случај со врсничкото насилство врз шестоодделенка во скопската општина Ѓорче Петров. Девојчето било нападнато од малку повозрасни од неа девојчиња, кои снимале со мобилен телефон како ја тепаат,гасат цигари од нејзиното тело и насилно ја принудиле да лиже кучешки измет.

Минатата година, МВР регистрираше над 90 инциденти поврзани со врсничко насилство од кои над 60 се физички напади.

Последниот полициски извештај од 2024 година покажува дека во училиштата се регистрирани 109 настани на насилно однесување меѓу ученици или што е за седум повеќе од претходната 2023 година. Две третини од насилството во школите се случува во основното образивание.

Министерството за образование и наука во 2023 година отвори електронската адреса за пријавување врсничко насилство, откако во соседна Србија ученик пукаше и уби соученици и чувар во школо во Белград.