Граѓаните помалку купуваат станови, повеќе изнајмуваат

Објавено:

Македонскиот пазар на недвижности во третиот квартал од годинава бележи намалена динамика кај купопродажбите, но сè уште задржува висока финансиска активност. Според најновиот извештај на Агенцијата за катастар на недвижности, заклучно со овој период се регистрирани вкупно 7.679 трансакции, што претставува пад од 8,2 отсто во споредба со претходниот квартал.

Главниот пад е забележан кај купопродажбите на имот, кои се намалени за 12,1 отсто. Од друга страна, секторот за изнајмување бележи умерен раст на вкупниот број договори за закуп од 2,8 отсто.

Вкупната финансиска вредност на остварените трансакции на пазарот достигнала 339 милиони евра, односно 3,6 отсто помалку во однос на претходниот квартал.

Рекордни цени: Над 3.100 евра за квадрат во Карпош и 200.000 евра за стан од инвеститор

Податоците на Катастар укажуваат на сопирање на брзиот раст на продажбата кај станбениот простор. Продажбата на станови во земјава се намалила за дури 14 отсто, а нивната вкупна финансиска вредност бележи пад од 6 отсто во однос на претходното тримесечје.

И покрај намалениот обем на продажба, поединечните цени во одделни скопски општини соборуваат рекорди. Во овој квартал највисока цена од 3.121 евро за квадрат е постигната во општина Карпош, каде што за стан од 41 квадратен метар се платени 128.000 евра.

Истовремено, најскапо продадениот стан директно од инвеститор е со големина од 63 квадратни метри, за кој купувачот платил околу 200.000 евра.

Расте побарувачката за изнајмување

Спротивно на падот кај купувањето, граѓаните сè повеќе се свртуваат кон изнајмување. Во третиот квартал е забележан скок на бројот на закупени станови од дури 45 отсто, додека вкупната месечна закупнина пораснала за 31 отсто.

Официјалната оценка од Агенцијата за катастар е дека пазарот на недвижности во моментов се движи во две различни насоки – ладење и намалена активност кај купопродажбата на станови, наспроти силна побарувачка на пазарот за изнајмување.