Становите на Груевски се продаваат за над 3.000 евра за квадрат

Објавено:

Трите стана на Водно, за чиј сопственик се тврди дека е поранешниот премиер Никола Груевски, одат повторно на продажба.

Тие беа конфискувани со правосилната пресуда за предметот „Плацови“ на Водно, а ова е втор обид на државата да ги продаде.

Огласот го распиша државната Агенција за управување со одземен имот, а јавното наддавање ќе се организира на 29 јули при што за секој од трите стана се предвидени аукции во траење од по час и половина.

Според податоците во огласот, почетната цена е над 3.000 евра за квадрат.

Станува збор за станови на улицата „Тодор Александров“, и тоа:

Стан број 1 со вкупна површина од 246 квадратни метри од кои 199 е апартманот, а 48 е помошни простории (тераси). Почетната цена за него е 52.088.040 денари или околу 847 илјади евра. Тоа значи дека за секој од вкупно 247 квадрати, почетната цена е околу 3.430 евра.

Стан број 2 со вкупна површина од 250 квадратни метри од кои 155 е апартманот, а 95 е помошни простории (тераси). Неговата почетна цена е 47.712.325 денари или околу 760 илјади евра. Тоа значи дека почетната цена за еден квадрат е околу 3.040 евра.

Стан број 3 со вкупна површина од 248 квадратни метри од кои 200 е апартманот, а 48 е помошна просторија (тераси). Почетната цена е 52.307.472 денари или околу 850 илјади евра. Почетната цена за еден квадрат значи дека е околу 3.430 евра.

За секој од становите, Агенцијата за недвижен имот овозможува разгледување од потенцијалните купувачи на 16 јули.

На јавниот оглас реагираше опозициската СДСМ велејќи дека овој имот на Груевски е само ситница и ја обвини власта зашто не бара негова екстрадиција од Унгарија, каде тој избега и доби политички азил.

„Вистинската сума од над две милијарди евра се наоѓа надвор од земјата. Наместо Груевски да биде испорачан и да одговара за изгубените години на цела генерација Македонци, да се конфискува тој имот и тие пари, Владата продава само неколку станови. Така изгледа правдата со Мицкоски и неговата банда“, реагираа социјалдемократите.

Во случајот „Плацови на Водно“, каде беа конфискувани становите, Груевски првично беше осуден на седум години затвор, но Апелацискиот суд со правосилна одлука му ја зголеми казната за две односно на девет години. Тој во предметот е осуден за делата перење пари и противправно стекнување и приквирање имот.

Со оглед дека е во политички азил во Будимпешта, на експремиерот му се судеше во отсуство, а тој јавно се огласуваше преку социјалните мрежи и негираше вина за предметот.