Што поседува и колку заработува Груевски во Унгарија?

Објавено:

Унгарската компанија на македонскиот поранешен премиер Никола Груевски и под американски санкции успева да заработи десетица илјади евра годишно од консалтинг услуги, покажуваат податоците од унгарскиот регистар на компании.

Дека компанијата работи стабилно со редовни приливи покажува последниот објавен извештај за завршна сметка од 2024 година. Унгарскиот регистар на компании податоците од завршните сметки за 2025 година ќе ги објави во текот на мај.

„Добриот пријател на унгарскиот поранешен долгогодишен премиер Виктор Орбан од Македонија, Груевски, осуденик кој избега во Унгарија во 2018 година и доби статус на азилант, одлучи во летото 2021 година да основа своја мала компанија во унгарскиот мал град во областа Пешта, Печел“, пишува истражувачкиот унгарски портал 444.ху.

Станува збор за компанијата ICIC Kft. чија главна дејност е консалтинг услуги, која на банкарското салдо нижи милиони унгарски форини. Во објавата на „Опен санкшнс“, се наведени неколку варијации на името на фирмата меѓу кои ICIC LTD, која освен консулатции нудела и големопродажба на порцелан, стакло, производи за чистење, организација на настани.

„Тој може да има фиксен клиент, бидејќи приходите доаѓаат сигурно во последните години, а самата дејност воопшто не е трошковно интензивна, па затоа може да забележи и голем профит“, се вели во сторијата на унгарскиот медиум.

Во 2024 година поранешниот македонски премиер заработил над 4 милиони форинти односно околу 11 илјади евра, за разлика од годината претходно, кога имал 9.700 евра. Според податоците кои ги пријавил имал мали трошоци за фирмата во вредност од 3 400 евра, што значи му остабале околу седум илјади евра добивка. Од нив, добил 5 илјади евра како дивиденда, со што вкупниот износ на поранешниот претседател достигнал 16,7 милиони форинти односно 45 илјади евра во текот на 3-те години од работењето на компанијата, пишува 444.ху.

Извештајот, исто така, открива дека иако Николај Груевски редовно го повлекувал поголемиот дел од профитот на компанијата, на крајот од минатата година, околу 8 милиони форинти се наоѓале на банкарската сметка на компанијата.

„Сепак, сосема неочекуван развој на настаните е што осудениот премиер не само што дава совети, туку и се покажува како кредитоспособен. Тој навел долг од 2,52 милиони форинти или шест илјади евра во билансот на состојба“, се вели во истражувањето.

Консалтинг услугите на Груевски во Будимпешта ги користел и досегашниот министер за надворешни работи Петер Сијарто, кој според известувањето на унгарските медиуми, го примал македонскиот поранешен премер во својата канцеларија и со него се советувал за прашања поврзани со Западен Балкан. Според министерот, Груевски е оној од кој може да ги добие најсигурните информации за регионот, бидејќи бил премиер 10 години.

„Ако сакаме да добиеме најавтентични информации за тоа што се случува на Западен Балкан, каде се движат процесите на Западен Балкан, тогаш со кого би разговарале ако не со лице кое беше премиер таму 10 години? И да, разговараме со него редовно. Не е важно каде. На пример, разговарам со него во мојата канцеларија во Министерството. И мислам дека е природно службениците на Министерството за надворешни работи да бидат во контакт со лице кое беше премиер на сопствената земја 10 години“, изјавил Сијарто во унгарскиот парламент по критиката за неговите средби со Груевски.

За начинот на кој владееше, Груевски во април 2022 година се најде на американската црна листа. Причината беше пресудата против него и обвиненијата за бројни случаи на корупција, како и злоупотреба на службена должност, перење пари и други кривични дела поврзани со времето кога беше премиер на Северна Македонија од 2006 до 2016 година.

„Тој континуирано избегнува апсење за неговата пресуда од 2018 година од страна на судот во Северна Македонија за обвиненија поврзани со корупција, што претставува сериозен удар за одговорноста за корупцијата и активностите поврзани со корупцијата во Северна Македонија. Груевски е сопственик и директор на унгарската компанија I.C.I.C. KFT, која е регистрирана како друштво со ограничена одговорност во Унгарија“, беше наведено во објавата за санкциите од американското Министерство за финансии.

Според објавата, и неговата компанија е ставена на американската црна листа.

Во меѓувреме неговата татковина, потсетува унгарскиот медиум, продаде дел од конфискуваниот имот. Државата му заплени станови како дел од правосудната пресуда за случајот „Плацеви на Водно“, за кој Груевски во отсуство е осуден на 9 години затвор, затоа што, како што се вели во пресудата, користел пари од донации на ВМРО-ДПМНЕ (над 1,3 милиони евра) за купување имот преку офшор фирма.

Последен пат македонското Министерство за правда побарало екстрадиција за Груевски во 2019, за сите случаи за кои се водеа против него и за кои беше распишана меѓународна потерница. Тоа всушност беше надополнување на барањето испратено во 2018.

Тогаш унгарските власти официјално ја известиле Македонија дека нема да го екстрадираат Груевски. Таква одлука донел Врховниот регионален суд со образложение дека не се исполнети законските претпоставки за екстрадиција на Груевски, бидејќи на негово барање одобрен му е азил во Унгарија и „во согласност со актот бр. 38 за меѓународна правна помош во кривични предмети, лице на кое му е дадено азил нема да се екстрадира во државата од која избегало“.

По најновите изјави од идниот унгарски премиер Петер Маѓар кој победи на изборите на 12 април, дека во Унгарија нема место за меѓународни криминалци, од македонското Министерство за правда соопштија дека побарале податоци од судовите за Груевски, за да постапат понатаму.

Актуелниот македонски премиер, Христијан Мицкоски, порача дека ако Груевски се врати во земјава ќе заврши во затвор. За евентуална екстрадиција, пак, во својата последна изјава премиерот посочи дека бегалецот првично треба да го изгуби статусот на азилант во Унгарија.

„Во нашиот случај поранешниот премиер има азил. За да се испрати барање за екстрадиција, треба прво процедура, да се тргне азилот. Тоа е прво. Ако испратиме сега, ќе добиеме негативен одговор. Можеме утре да го испратиме, нема проблем, само дајте малку суштински да ги гледаме работите“, изјави Мицкоски на 17 април.

Груевски избега во ноември 2018 непосредно пред датумот кога требаше да влезе во затвор за извршување на двегодишната затворска казна во случајот „Тенк“ за незаконската набавка на блиндираниот мерцедес. Извршувањето на оваа казна застаре во 2024 година.

Во моментов, за него има две активни правосилни пресуди. Едната е споменатата деветгодишна казна во „Плацевите на Водно“ којашто застарува во февруари 2043, и втора во предметот „Насилство во Центар“ каде е осуден на една и пол години којашто застарува во септември 2027 година.

Актувни судски случаи што се водат, а во кои на Груевски му се суди во отсуство се „Титаник“ за изборни нерегуларности и „Талир 2“ за незаконска изградба на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.