Што е следно за поранешниот македонски премиер, Никола Груевски, откако на парламентарните избори во Унгарија во неделата победи Петер Маѓар, опозицискиот лидер на партијата Тиса, кој порача дека неговата земја повеќе нема да биде депонија на странски криминалци кои добиле азил, притоа наведувајќи го и Груевски?
Груевски избега во Унгарија во 2018 година, кога требаше да влезе во затвор за издржување на двегодишната казна во случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство, кој се однесува на незаконската набавка на блиндираниот „мерцедес“.
Во меѓувреме, извршувањето на оваа казста застаре, па сега, за Груевски се активни две потерници – за предметот „Насилство во Центар“, за што е осуден на една ипол година заствор (застарува на 10 септември 2027 година) и за предметот „Плацеви на Водно“ со единствена казна затвор од девет години чие извршување застарува на 11 февруари 2043 година, соопштија од Кривичен суд.
Поранешниот министер за правда Кренар Лога вели дека и покрај најавата на Маѓар за екстрадиција на Груевски, одлуката сепак треба да ја донесат унгарските судови.
„Но, политички, Груевски повеќе не е добредојден таму. Или треба да биде предаден на органите на правдата во Северна Македонија, или ќе треба да најде трета држава. Веќе две години не му важи образложението врз основа на кое доби политички азил, бидејќи на власт повеќе не е СДСМ, туку неговите пријатели и соработници од ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Лога за Колегиум.мк.
Сепак, според извештаи на унгарските медиуми, извесно е дека партијата Тиса на Маѓар нема да ја преземе власта уште околу еден месец, чекајќи ја првата седница на новиот парламент.
Друга опција што медиумски се спомнува како можност е дека унгарските власти би можеле да ги притворат политичките азиланти и да чекаат одлука од унгарски суд.
Неколку министри за правда во поранешните влади на СДСМ и ДУИ бараа екстрадиција на Груевски од Унгарија, но тоа никогаш не беше реализирано.
Министерството за правда засега не се огласи за тоа дали повторно ќе бараат поранешниот македонски премиер да биде испорачан од Унгарија.
Мицкоски: Груевски е правосилно осуден, треба да ја одлежи казната
Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека ако избеганиот поранешен премиер Никола Груевски се врати од Будимпешта во Македонија, ќе оди в затвор.
,„Јас немам никави очекување, но доколку се појави во Македонија, тој има правосилна пресуда и тој веднаш откако ќе се појави нормално, органите на редот ќе го обезбедат и ќе го упатат на отслужување на затворска казна која е согласно правосилна одлука. Ние сме Влада за која сите закони важат и Влада којашто мора да ги почитува законите и институциите во државата, а нормално секое лице има право да ги користи институциите, да ги користи своите права, да поднесува потоа жалби. Но ние како Влада имаме пред нас правосилна пресуда со којашто лицето за кое вие зборувате сега е упатено на отслужување на затворска казна. А дали ќе се врати и кога ќе се врати, јас немам такви очекувања“, изјави Мицкоски на настан во Царинската управа.
Венко Филипче, претседател на сега опозициската СДСМ, го постави прашањето за иднината на Груевски „кога нема повеќе заштитник во Будимпешта“. Тој праша дали оваа Влада досега има поднесено барање за екстрадиција на Груевски и доколку нема – дали ќе поднесе такво барање?
„Години наназад уживаше гостопримство. Ќе бега ли во Русија или на друго место или ќе се врати да ја отслужи казната? Ја поздравувам јасната и недвосмислена порака на новиот унгарски премиер од вчерашната прес конференција дека ќе ги испорача оние кои се кријат на нивна територија и кој конечно го означи Никола Груевски како криминалец. Ова е крај на ерата кога Будимпешта беше безбедно засолниште за сите осудени криминалци“, рече Филипче на прес-конференција на 14 април.
Процедурата во Унгарија
Постапката за екстрадиција од Унгарија е двостепен процес (судски и министерски) според закон од 1996 година, кој вклучува судска проверка за легалност и министерска одлука за предавање, што генерално бара двоен криминалитет (казнлив до една година).
За земјите-членки на Европската унија (ЕУ) процесот е поедноставен, бидејќи се отстранува улогата на министерот при носење на одлука за екстрадиција.
Надлежен орган за унгарските процедури за екстрадиција е тамошното Министерство за правда, иако истрагите и апсењата честопати го вклучуваат Регионалниот суд на Будимпешта. Притоа, судот прво одлучува дали се исполнети законските услови (правна фаза), а доколку е одобрено, министерот за правда одлучува за самото предавање (политичка фаза). Потоа има судска проценка, при што судовите ја потврдуваат усогласеноста со меѓународните договори, обезбедуваат двоен криминалитет и го разгледуваат случајот.
Притворените лица имаат право на задолжителен бранител, особено за време на рочиштето за екстрадиција.
Сепак, постојат правни начини на кои новата унгарска влада би можела да иницира вонредна ревизија за да утврди дали условите за политички азил сè уште се исполнети. Националниот генерален директорат за управување со странци на Унгарија, на секои три години ги проверува бегалските статуси.
Во таа процедура, подносителот мора да докаже дека сè уште постојат причините поради кои му е одобрен азилот.
Според изјава на Андраш Ледерер од унгарскиот Хелсиншки комитет, дадена пред изборите уште кога Тиса најави дека ако победи ќе го поништи политичкиот азил доделен на странски политичари „сè зависи од тоа колку строго Тиса го толкува владеењето на правото“.
Груевски беше премиер на Северна Македонија од 2006 до 2016 година и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше осуден за корупција и осуден на затворска казна за која тврдеше дека е политички мотивирана. Избега од државата во ноември 2018 година, наводно преминувајќи во Албанија, а потоа патувајќи низ други балкански земји со помош на унгарски дипломати пред да стигне до Будимпешта, каде што владата на Виктор Орбан му додели политички азил. Властите во Будимпешта досега ги одбија барањата на земјава за негова екстрадиција.
Орбан доживеа пораз на изборите во Унгарија во неделата, по 16 години власт.
Иако се водеше истрага за бегството на Груевски од Македонија, исход со одговорност немаше.
Министерството за правда повторно ќе бара податоци од судовите за Груевски
Последен пат македонското Министерство за правда побарало екстрадиција за Груевски во 2019, за сите случаи за кои се водеа против него и за кои беше распишана меѓународна потерница. Тоа всушност беше надополнување на барањето испратено во 2018.
Тогаш унгарските власти официјално ја известиле Македонија дека нема да го екстрадираат Груевски. Таква одлука донел Врховниот регионален суд со образложение дека не се исполнети законските претпоставки за екстрадиција на Груевски, бидејќи на негово барање одобрен му е азил во Унгарија и „во согласност со актот бр. 38 за меѓународна правна помош во кривични предмети, лице на кое му е дадено азил нема да се екстрадира во државата од која избегало“.
По најновите изјави од идната унгарска власт, сега од македонското Министерство за правда најавуваат дека уште утре (15 април) ќе бараат податоци од судовите за Груевски, за да постапат понатаму.
„Во текот на утрешниот ден ќе биде доставено барање до надлежните судски органи и обвинителства и ќе се побараат потребните списи за сите предмети поврзани со лицето Никола Груевски. Откако од надлежните органи ќе ги добиеме потребните документи, Министерството за правда ќе постапи согласно позитивните законски прописи“, одговорија од Министерството за Колегиум.мк.
Инаку, Груевски важи за близок до унгарскиот премиер во заминување, Виктор Орбан. Нивните партии, ВМРО-ДПМНЕ и Фидес беа сестрински во рамки на Европската народна партија, која Орбан ја напушти пред да биде исклучен од неа.
Блиските односи со Фидес и ВМРО-ДПМНЕ продолжија и со новото раководство на македонската партија која дојде на власт во Северна Македонија во 2024 година. Двете влади предводени од Христијан Мицкоски и Виктор Орбан одржаа и заеднички владини седници, едната во Охрид едната во Будимпешта. Северна Македонија зема и кредит од една милијарда евра од унгарската Експорт-импорт банка, кој Мицкоски и Орбан го договорија на самит на НАТО во Вашингтон, во јули 2024 година.
Освен на Груевски, Маѓар најави и можна екстрадиција на двајца поранешни полски политичари, Збигњев Жиобро и Марцин Романовски, кои исто така избегаа во Унгарија. Жиобро е поранешен министер за правда на Полска кој е осуден до 25 години затвор поради, меѓу другото, пренасочување средства наменети за жртви на криминал за купување шпионски софтвер, наводно за следење на неговите политички противници.
Романовски, пак, се соочува со 11 обвиненија во Полска за злоупотреба на јавни средства кога беше заменик-министер за правда од 2019 до 2023 година.


