Орбан падна, но дали Маѓар ќе ја „ослободи“ Унгарија?

Објавено:

  • Многу ветувања, вклучително и уставни измени и вртење кон ЕУ и НАТО, даде Петер Маѓар во победничкиот говор во Будимпешта. Но, што ќе исполни? 
  • „Не се плашиме“ и „Руси, одете си дома“, скандираа, меѓу другото, неговите поддржувачи. 
  • За дел од аналитичарите, „Орбанизмот е поразен на гласачките кутии“, но не и популизмот во Европа.

„Успеавме. Тиса и Унгарија победија на овие избори. Заедно, го заменивме системот на (Виктор) Орбан и заедно ја ослободивме Унгарија, ја вративме нашата земја“.

Ова беа дел од првите зборови со кои Петер Маѓар им се обрати на насобраните поддржувачи во Будимпешта по убедливата победа на парламентарните избори што се одржаа во Унгарија на 12 април.

„Не се плашиме“, скандираше насобраната толпа Унгарци додека Маѓар држеше говор. Тоа е еден од првите слогани што Маѓар ги употреби во неговите настапи алудирајќи дека граѓаните не треба да се плашат да се спротивстават на владата.

„Драги пријатели, направивте чудо, денеска Унгарија испиша историја“, зборуваше Маѓар нагласувајќи дека толку многу луѓе никогаш не гласале на избори и ниту една друга партија не добила толку силен мандат.

Со излезност на изборите поголема од 77%, Унгарците го соборија претходно поставениот рекорд од 2002 кога одѕивот беше 73,51%.

На обработени над 98% од гласовите, првичните проекции од Националната изборна канцеларија покажуваат дека Тиса на Маѓар ќе има двотретинско мнозинство во унгарскиот парламент кој број 199 члена. Односно ќе има 138 мандати, додека партијата Фидес и коалицијата околу Орбан 55. Во парламентот со шест пратеници ќе влезе и ултрадесничарската Наша татковина, која го помина прагот од 5% освоени гласови.

Орбан резултатот го нарече „јасен и болен“, но и порача „никогаш не се откажуваме“.

Маѓар најави уставни измени и европска држава, гласачите скандираа „Руси одете си дома“

Маѓар во победичкиот говор го повика Орбан да се воздржи од маневр, а од претседателот на Унгарија, Тамаш Суљок, побара да му го додели мандатот за формирање влада што е можно поскоро, но и да поднесе оставка.

Претседателот има рок да го свика новиот парламент во рок од 30 дена. Парламентот, понатаму е тој што го избира премиерот, со просто мнозинство гласови.

А покрај Суљок, Маѓар повика оставки да си дадат и претседателот на Врховниот суд, државниот овинител и низа други функционери, порачувајќи дека овие институции кои треба да бидат независни, се заробени во изминатите 16 години, колку што владееше Орбан.

„Двотретинското мнозинство ни овозможува да го измениме Уставот, ќе го вратиме системот на контрола и рамнотежа. Ќе се приклучиме на Европското јавно обвинителство и ќе гарантираме демократско функционирање на нашата земја. Никогаш повеќе нема да дозволиме некој да ја држи слободна Унгарија во заробеништво“, порача Маѓар.

За потсетување, Орбан во 2011 со двотретинско мнозинство направи уставни измени и промени стотици закони, испрати во пензија и стотици судии. Голем дел од промените што ги направи Орбан, за ЕУ беа спорни.

Маѓар, исто така, нагласи и дека неговата земја повторно ќе биде силен сојузник во Европската Унија и НАТО.

Додека тој порачуваше дека Унгарија сака да биде повторно европска земја, толпата поддржувачи скандираше „Руси одете си дома“, пренесува Би-би-си.

Европскиот курс на земјата го нагласи и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен во честитката до Маѓар.

„Унгарија ја одбра Европа. А, Европа секогаш ја одбиваше Унгарија. Земјата се врати на европскиот пат. Унијата стана посилна. Европското срце денеска чука посилно во Унгарија“, напиша Фон дер Лајен на социјалните мрежи.

Можни промени по падот на Орбан

Но, што може да се очекува во иднина?

Дел од западните медиуми пишуваат дека падот на Орбан би можел да го отвори патот за заем од 90 милијарди евра од ЕУ за Украина, потег на кој досегашниот унгарски премиер се закануваше со вето.

Кога се во прашање финасиите, промената на власт би можела да донесе и евентуално ослободување на европските пари за Унгарија, кои ЕУ ги суспендираше поради, како што беше наведено, ерозијата на демократските вредности од страна на Орбан.

Ако се гледа глобалната геополитичка слика, заминување на Орбан од власта ќе го остави рускиот претседател Владимир Путин без неговиот главен сојузник во рамки на ЕУ.

Ројтерс анализира дека падот на досегашниот унгарски лидер би можел да испрати и „шок-бранови“ низ десничарските кругови во западните земји, но и во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој во Орбан гледаше верен сојузник.

Кога се во прашање внатрешните промени во Унгарија, победата на Тиса би можела да го отвори патот за борба против корупцијата и враќање на независноста на судството.

„Орбанизмот е победен на гласачите кутии, но популизмот нема да исчезне од Европа“

Додека во дел од анализите се зборува за тоа што да се очекува понатаму, некои од аналитичарите се во дилема – дали на изборите во Унгарија да се гледа повеќе како убедлива победа на Маѓар или како на убедлив пораз на Орбан.

„Ова јасно покажува дека дури и најзакоравените системи можат да се скршат и дека гласачите можат да се свртат“, вели Грегоар Рус, директор на програмите за Европа, Русија и Евроазија во тинк-тенк организацијата „Чатам Хаус“, пренесува Ројтерс.

На прашањето дали е ова крај на една ера, тој одговара „и да и не“.

„Орбанизмот е отфрлен на гласачките кутии. А фактот дека Орбан толку брзо го призна поразот укажува дека можеме да очекуваме непречена транзиција на власта… Но, да не претпоставуваме дека победата на Маѓар го означува почетокот на крајот на популизмот во Европа. Популизмот не исчезнува низ целиот континент, туку се тестира, ограничува и принудува да се адаптира“, вели Рус, пренесува Ројтерс.

Њујорк Тајмс изборниот резултат го карактеризаше како пораз на „светилникот на десницата“.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, светилник на десницата кој инспирираше популистички движења низ целиот свет, не беше во можност да го надмине растечкото незадоволство на своите граѓани, напиша Њујорк Тајмс.

За резултатот од изборите, американската телевизиска мрежа Си-ен-ен наведе дека е поразен сојузникот на Трамп.

Националистот, проруски ориентираниот Орбан, кој е на власт 16 години и се стремеше кон својата петта последователна изборна победа, ја доби поддршката на американскиот претседател Доналд Трамп, а претставници на администрацијата на Трамп го карактеризираа како „модел за остатокот од Европа“, потсетува Си-ен-ен.

Од редовите на партијата Фидес на Орбан, произлезе и самиот Петер Маѓар, кој се огради од политиките на партијата, а доби на популарност во последните неколку години. Додека дел од Унгарците кон него гледаат со претпазливост поради поранешните врски со Фидес, други веруваат дека само некој што го видел системот на Орбан одвнатре може да го собори.