Унгарците денеска (12 април) гласаат на парламентарни избори, додека во соседна Украина војната продолжува да беснее, а односите на нивната влада со Русија се под интензивен надзор.
Овие избори нашироко се сметаат за најзначајните во Европа годинава, имајќи предвид дека според анкетите, премиерот Виктор Орбан по 16 години на власт, би можел да добие помалку гласови од опозицискиот лидер Петер Маѓар, пишува новинската агенција Асошиејтед прес.
Иако Орбан и во минатото ги изненадувал анкетите, ова е клучен момент за најдолговечниот лидер во Европската унија и еден од нејзините најголеми противници, кој е ценет од глобалната крајна десница.
Гласачките места се отворија во 6 часот наутро, а предвидено е да се затворат во 19 часот. Орбан и неговиот главен противкандидат, Маѓар пристигнаа на одделни избирачки места во Будимпешта речиси во исто време за да ги дадат своите гласови.
Обраќајќи им се на новинарите надвор, 62-годишниот Орбан изјави дека кампањата била „голем национален момент ” и им се заблагодари на активистите и поддржувачите за нивната работа.
„Тука сум за да победам“, порача тој.
Како што јави Би-Би-Си, по три часа од отворањето на гласачките места, гласале рекордни 16,89% од избирачите, што претставува драматично зголемување од шест процентни поени споредено со гласањето од пред четири години, што значи дека гласачите овојпат се многу помобилизирани.
Трите најрелевантни агенции во Унгарија укажуваат на „голема предност“ за партијата Тиса на Маѓар, вели изборниот експерт Роберт Ласло од тинк-тенкот „Политикал Кепитал“.
Унгарецот Петер Маѓар од инсајдер до главен предизвикувач на Орбан – КОЛЕГИУМ.мк
Повеќето аналитичари претпоставуваа дека владејачката Фидес ќе ја намали таа предност во пресрет на изборите изборите, но тој вели дека тоа не се случило.
Маѓар им порача на гласачите дека не е доволно само апсолутно мнозинство од 100 пратенички места во парламентот од 199 места, туку и двотретинско супер-мнозинство, за да се поништат многу од уставните измени што Фидес ги направи во однос на независноста на судството, сопственоста на медиумите и многу други сфери од општеството, пишува Би-Би-Си.
Во последните денови, имаше претставници од полицијата, армијата и бизнис-секторот кои јавно се изјаснија против Фидес, а Ласло смета дека тоа е знак дека јавното расположение се свртело против Орбан.
Инаку, Орбан ги претстави изборите како избор помеѓу „војна и мир“. За време на кампањата, владата ја преплави земјата со плакати кои предупредуваа дека лидерот на Тиса, Маѓар, ќе ја вовлече Унгарија во војната на Русија против Украина, нешто што тој категорично го негира, пишува новинската агенција Ројтерс.
Ниска популарност на Орбан меѓу младите
Орбан доби јавна поддршка од администрацијата на Трамп, а тоа минатата недела кулминираше со посета на Будимпешта од страна на потпретседателот Џ. Д. Венс, како и од рускиот Кремљ и од крајнодесничарски лидери во Европа.
Додека Орбан вели дека неговата цел е да го заштити националниот идентитет на Унгарија и традиционалните христијански вредности во рамките на ЕУ, неговиот поранешниот сојузник, Маѓар, го искористи незадоволството поради наводите за корупција во државата при што младите гласачи особено силно посакуваат промени.
За да се справи со „популарноста“ од само 8% меѓу лицата под 30 години, Орбан го укина данокот на доход за најмладите работници и воведе субвенции за оние кои кои сакаат да влезат на пазарот на недвижности, во услови на раст на цените на становите во ЕУ.
Но понудата на Маѓар за промени изгледа дека има поголем одѕив, пишува Ројтерс.
Аналитичарите предупредуваат дека исходот од гласањето останува неизвесен, со многу неопределени гласачи, прецртување на изборната мапа во корист на Фидес и висок процент етнички Унгарци во соседните земји кои најчесто ја поддржуваат владејачката партија.
Тие велат дека сè е можно — од двотретинско мнозинство на Тиса, што би овозможило промени во уставот, до мнозинство на Фидес.
Доколку Тиса навистина победи, поништувањето на правните и институционалните промени што Орбан ги направил може да биде многу тежок и сложен процес за новата влада, особено ако има само едноставно мнозинство во парламентот, објави Ројтерс.


