Поранешниот лојален сојузник на Виктор Орбан и неговата партија Тиса доживеаја метеорски подем како што расте опозициското движење
Само пред неколку години, Петер Маѓар беше инсајдер во владејачката елита на Фидес во Унгарија. Во недела, на 12 април, тој има шанса на парламентарните избори да го порази Виктор Орбан кој веќе 16 години раководи со земјата, пишува Еуроњуз во својата анализа во пресрет на изборите.
Од практично непозната фигура во унгарската политика, Маѓар за само две години прерасна во најголема закана за владејачката партија Фидес, која беше негов поранешен политички дом.
Како што наближуваа клучните избори на кои се гласа денеска, 12 април, а Орбан заостануваше во повеќето анкети, Маѓар може да стане поранешен инсајдер кој го урнал тој систем, пишува Асошиејтед прес.
Политичкиот раст на Маѓар
45-годишниот адвокат и лидер на опозициската партија Тиса забележа метеорски политички подем откако се појави во јавноста на почетокот на 2024 година. Пред тоа, тој беше член на националистичко-популистичката партија Фидес на Орбан од 2002 година, извршувајќи високи позиции во државните институции.
Додека некои од поддржувачите на Унгарците се претпазливи во врска со неговите поранешни врски со владејачката партија, други веруваат дека само некој што го видел системот на Орбан одвнатре може да го собори.
Релативно млад, роден во 1981 година, Маѓар се опишува себеси како вљубеник во политиката уште од рана возраст. Како дете кое растело во последните години од комунистичкото владеење, тој се восхитувал на Орбан и неговиот круг млади либерални демократи кои ја оспорувале советската доминација на крајот од Студената војна. Тој е роден во семејство на истакнати конзервативци, неговиот дедо бил добро позната ТВ личност и адвокат Пал Ерош, додека неговиот кум Ференц Мадл бил претседател на Унгарија, пишува Еуроњус.
Тој, во интервјуата пред изборите, зборувајќи за своето минато, вели дека честопати присуствувал на политички демонстрации со своите родители. Потопен во конзервативната политика, Маѓар се приклучил на Фидес во 2002 година на 21-годишна возраст. Додека бил на универзитет, се спријателил со Гергели Гуљас, сегашен министер во кабинетот на премиерот Виктор Орбан. Гуљас го запознал Маѓар со Јудит Варга, со која стапува во брак во 2006 и има три деца.
Во меѓувреме, ѕвездата на Варга се издигаше во рамките на Фидес, а таа беше назначена за министерка за правда во 2019 година. Заедно со Каталин Новак, сојузник на Орбан, која во 2022 година стана најмладиот претседател на Унгарија и првата жена што ја извршува функцијата, Варга беше широко сметана за можен наследник на Орбан.
Но, политичкиот скандал во 2024 година наскоро ќе ја промени личната и политичката траекторија на Маѓар и фундаментално ќе ја трансформира унгарската политика.
Сè започна со едно интервју
По враќањето од Брисел, односот на Маѓар со Варга се влоши, и двојката се разведе во 2023 година. Следната година, Варга беше вмешана во скандал што ја потресе Унгарија кога се дозна дека претседателката Новак дала помилување на осуден соучесник во случај на сексуална злоупотреба на деца. Одлуката ја шокираше земјата и доведе до оставка на Новак. Партијата Фидес ја обвини Варга, која ја потпиша одлуката за помилување во својство на министерка за правда и таа се повлече од функцијата.
До тогаш Маѓар беше во голема мера непознат за јавноста, додека следниот ден не даде долго интервју за популарниот унгарски Јутјуб (YouTube) канал Партизан (Partizán) во кое јавно „раскина“ со владејачката партија Фидес, обвинувајќи ја владата на Орбан за системска корупција и работење во интерес на мал круг политички и економски елити.
Интервјуто брзо стана вирално и привлече над 2 милиони прегледи во земја со помалку од 10 милиони жители. Како отскочна даска, интревјуто го трансформираше Маѓар од релативно непознат инсајдер во национална политичка фигура преку ноќ.
Во неделите што следеа, тој ги засили критиките кон Владата и почна да организира јавни настани.
На 15 март, националниот празник на Унгарија, тој се обрати пред илјадници поддржувачи во Будимпешта и ги објави плановите за лансирање ново политичко движење кое подоцна ќе стане партијата Тиса.
Во јуни истата година, Тиса освои 30% од гласовите на изборите за Европскиот парламент, а Маѓар стана пратеник во ЕУ.
Недолго по „раскинувањето“ со Фидес, Варга го обвини Маѓар за насилно однесување за време на нивниот брак. Маѓар ги негираше обвинувањата, велејќи дека тие биле дел од политичка кампања за негова дискредитација откако се свртел против владејачката партија.
Скандалите и обвинувањата малку му наштетија на подемот на Маѓар
Оттогаш против него се изнесени голем број обвинувања, вклучувајќи и такви за семејно насилство од неговата поранешна сопруга, за шпионажа и за консумирање дрога. По инцидент што се случи во февруари оваа година, Маѓар изјави дека бил уценуван од владини претставници со секс-снимка на која се гледаат тој и неговата поранешна сопруга, тајно снимени во стан во Будимпешта во 2024 година. Претставниците на владејачката Фидес го негираа тврдењето, пишува Еуроњуз.
Сепак, анкетите покажуваат дека популарноста на Маѓар во голема мера не е засегната.
Подемот на Тиса во рацете на Маѓар
Во интервјуата откако влезе во политиката, Маѓар се претстави себеси како некој што често изразува несогласување дури и додека работеше во системот на Фидес, велејќи дека редовно изразувал критики и се залагал за внатрешна дебата.
Неговиот подем го енергизираше широкиот сегмент од унгарското општество кое, разочарано од претходните генерации, фрагментирани и неефикасни опозициски партии, долго време бараше одржлива алтернатива на Орбан, пишува во својата анализа Асошиетет прес.
Додека Орбан водеше кампања за безброј надворешни закани со кои се соочува Унгарија, како што е војната во соседна Украина, Маѓар се фокусираше на основни прашања што влијаат на обичните Унгарци како инфлацијата, ниските плати, влошувањето на јавното здравство, транспортот и ендемската корупција.
Иако Маѓар успеа да ги мобилизира критичарите на Орбан од целиот политички спектар, поддршката за него не е секогаш вкоренета во идеолошко усогласување. Некои либерални гласачи остануваат претпазливи кон неговиот борбен стил и конзервативните ставови, се вели во анализата на Асошиетет прес.
Надевајќи се да ги избегне грешките на претходните опозициски лидери кои му дадоа муниција на Фидес за напади, Маѓар внимателно избегнуваше да заземе цврсти ставови за голем број контроверзни прашања како што се анти-ЛГБТК+ политиките на Орбан и дали Унгарија треба да даде поголема поддршка на Украина.
Надвор од суштината на неговите критики за владеењето на Орбан, Маѓар разви ниво на политичка слава што, настрана од Орбан, ретко се гледа во унгарската политика. По неговите митинзи, толпите често се стремат кон сцената за да направат селфи со него, трпеливо чекајќи додека тој позира за фотографии со поддржувачите еден по еден.
Неговиот брз подем стана тема на документарен филм објавен во унгарските кина оваа година. „Пролетен ветер – Будењето“, кој беше на врвот на кино благајните, го следи патувањето на Маѓар од релативно непозната внатрешност до политичката ѕвезда што сега се бори против режимот на Орбан, пишува Асошиетет прес.


