На 12 април Унгарија ќе одржи парламентарни избори кои се сметаат за најголемиот политички тест за премиерот Виктор Орбан по неговата 16 годишна непрекината доминација на власт. Тука не влегува неговиот прв четиригодишен мандат како премиер (1998-2002).
Според најновите анкети, опозициската партија Тиса, предводена од Петер Маѓар, бележи значителна предност пред владејачкиот Фидес. Анкетите покажуваат дека Тиса има околу 49 проценти поддршка, додека Фидес се движи со околу 37 отсто. Сепак, изборниот систем во Унгарија, кој долго време е критикуван како наклонет кон владејачката партија, може да ја намали предноста на опозицијата при распределбата на мандати.
Орбан, кој е на власт од 2010 година, во 2022 освои рекордни 54 проценти од гласовите. Но, новата политичка сила Тиса, предводена од Маѓар (поранешен сопруг на екс-министерка за правда Јудит Варга) се позиционира како реформатор и критичар на долгогодишната доминација на Фидес.
Европската Унија внимателно ги следи изборите, бидејќи потенцијална победа на Тиса би значела промена на политичката динамика во Централна Европа и можеби ново приближување кон Брисел. Во меѓувреме, опозицијата предупредува на можни обиди за мешање од страна на Русија, со цел да се задржи Орбан на власт.
Со оглед на атмосферата и високата излезност што се очекува, изборите во април се гледаат како пресвртница: дали Унгарија ќе продолжи со политиката на Орбан или ќе се соочи со прва голема промена на власт по повеќе од една деценија?

Што ако победи Орбан?
Партијата на Орбан, Фидес и покрај падот во анкетите може да обезбеди мнозинство благодарение на изборниот систем кој е критикуван како наклонет кон владејачката партија. Орбан би ја зацврстил својата позиција како најдолговечен лидер во ЕУ, продолжувајќи ја политиката на конфронтација со Брисел и блиски односи со Москва. Ваквото сценарио би значело стабилност за неговата база, но и продолжување на тензиите со ЕУ околу владеењето на правото и медиумските слободи.
Победа на Тиса и промена на власта?
Петер Маѓар и неговата партија Тиса би ја презеле власта со ветувања за реформи и приближување кон европските институции. Ова би било прво големо политичко поместување во Унгарија по повеќе од една деценија. Победата на Тиса би можела да донесе нов баланс во Централна Европа, со потенцијално намалување на руското влијание и подобрување на односите со Брисел.
Трето сценарио: Поделен парламент и коалиции
Ако ниту една партија не обезбеди јасно мнозинство, можно е формирање коалиции. Опозициските партии би можеле да се обединат околу Тиса, но разликите меѓу нив може да ја отежнат стабилноста на владата. Во таков случај, Унгарија би се соочила со политичка неизвесност, а процесот на донесување одлуки би бил значително посложен.
Победа на Орбан би значела продолжување на конфликти околу владеењето на правото, додека победа на Тиса би можела да отвори нова страница во односите со Европската Унија.

Орбан наспроти Маѓар
Виктор Орбан се дефинира како лидер на „нелиберална демократија“ и промотор на „христијанска слобода“. Неговите ставови околу владеењето на правото, медиумските слободи и миграцијата честопати наидуваат на критики од Европската Унија.
Орбан одржува блиски односи со Москва и Пекинг. Европскиот парламент ја опиша Унгарија како „хибриден режим на изборна автократија“ под негово водство.
Петар Маѓар е поранешен член на Фидес, но се дистанцираше од Орбан и ја формираше Тиса како алтернатива. Се претставува како реформатор и критичар на корупцијата.
Ветува приближување кон ЕУ и подобрување на транспарентноста. Поддржува западна ориентација, но задржува тврд став за граничната политика (не планира да ја тргне оградата на јужната граница). Брзо стана најпопуларен политичар во Унгарија. Неговата партија освои 30% на европските избори во 2024 и сега води во анкетите за парламентарните избори
Клучни разлики
Изборите во април 2026 ќе бидат судир меѓу континуитетот на Орбан и неговата „нелиберална демократија“ и новата визија на Маѓар за реформи и европска интеграција.
Опозициската партија Тиса и владејачкиот Фидес на Виктор Орбан нудат две сосема различни економски визии за иднината на Унгарија: Фидес се потпира на субвенции и државна контрола, додека Тиса ветува реформи, транспарентност и приближување кон европските стандарди.
Фидес ја гледа економијата како инструмент за зацврстување на политичката моќ, со силна државна интервенција и врски со Русија и Кина.
Тиса се претставува како реформаторска сила која сака да ја отвори економијата кон ЕУ, да ја намали корупцијата и да ја модернизира инфраструктурата.


