Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс денеска, 7 април, го започнува дводневниот престој во Будимпешта, каде домаќин ќе му биде унгарскиот премиер Виктор Орбан. Посетата доаѓа само неколку дена пред парламентарните избори во Унгарија на 12 април и кон неа се гледа како кон обид за подигање на рејтингот на Орбан кој се соочува со најсериозната закана да падне од власт откако дојде на чело на унгарската влада во 2010 година.
Орбан важи за еден од најверните европски сојузници на американскиот претседател Доналд Трамп и Движењето МАГА (MAGA – Make America Great Again). Тој вели дека „се радува“ на посетата на Венс во последната недела од кампањата и, како што пишува и „Политико“, со прес-конференција во Будимпешта и митинг на фудбалски стадион со 24.000 седишта ќе се обиде да го искористи моментот.
За Белата куќа, посетата на Венс е знак на благодарност кон Орбан бидејќи тој остана со Трамп во неговите тешки времиња – четирите години додека не беше на власт (помеѓу двата претседателски мандати) и во претседателската кампања во САД в 2024-та кога голем дел од светските лидери го избегнуваа Трамп.
„Орбан е со претседателот долго време. Тој беше со него во искушенијата и неволјите во текот на целата кампања. Немаше ниту еден светски лидер што сакаше да се сретне со Трамп, тој постојано патуваше во Мар а Лаго (Флорида), се трудеше да остане во контакт со него. Мислам дека сега ние како да возвраќаме на услугата …“, вели официјален американски службеник за „Политико“, кој не е овластен да зборува јавно.
Сепак, дел од медиумите посочуваат дека ваквите интервенции досега не му помогнаа на Орбан да го крене рејтингот.
Повеќето анкети на јавното мислење што беа објавени досега, покажуваат дека централнодесничарскиот ривал Петер Маѓар и неговата партија Тиса (Почит и слобода) се на пат да го поразат на изборите во недела. Најголем дел од нив, покажуваат дека Маѓар има поддршка од над 50 отсто, додека рејтингот на Орбан и неговата партија Фидес е под 40 проценти. Меѓу нив беа и испитувањата на јавното мислење од страна на Истражувачкиот центар „21“ и „Завец рисрч“.
Сепак, од партијата Фидес во текот на кампањата се повикуваа на други анкети тврдејќи дека се на добар пат да победат на изборите, пишуваше „Ројтерс“.
На претстојните избори, Орбан се бори за петтиот по ред последователен мандат. Неговиот противкандидат Маѓар, пак, произлезе од редовите на Фидес, а во дел од својата кариера работел во Министерството за надворешни работи и постојаното претставништво на Унгарија во ЕУ. До 2023 година, тој беше во брак со Јудит Варга, истакната членка на Фидес и поранешна министерка за правда чија политичка кариера заврши неславно откако беше помилуван маж прогласен за виновен за соучесник во случај со сексуален напад на деца.
Маѓар, претходно се дистанцираше од Фидес, преставувајќи се во јавноста како реформатор и критичар на корупцијата. За разлика од Орбан кој важи за главен критичар на ЕУ, тој ветува приближување кон ЕУ, отворање кон економијата на европскиот блок и подобрување на транспарентноста. Поддржува западна ориентација, но задржува тврд став за граничната политика – на пример, не планира да ја тргне оградата на јужната граница.
Редовни парламентарни избори во Унгарија, се одржуваат на секои четири години. Орбан, покрај тоа што е на власт од 2010, тој беше премиер на земјата и во мандат од 1998 до 2002 година.


