Граѓаните на Унгарија рушат рекорди со излезноста на гласање на денешните парламентарни избори.
Гласачките места низ цела Унгарија се затвораат во 19 часот по локално време, но тоа не значи дека веднаш ќе почне броењето.
Дел од гласачките места нема да може да ги затворат вратите веднаш бидејќи унгарските изборни правила, исто како и македонските, предвидуваат дека сите што веќе чекаат во ред за гласање треба да го остварат своето право.
Причината за долгите редици, како што јавуваат локалните медиуми, се должи на високата излезност, но исто така и тоа што гласачите што не се во родното место може да гласаат во друг град за кандидатите што се кандидираат во нивниот роден град.
Она што е факт досега се бројките за одѕивот кои покажуваат рекордна излезност. Би-би-си јавува дека последните статистики говорат оти излезноста е 77,8% што е над претходниот рекорд што беше поставен во 2002 кога излезност беше 73,51%.
Дека рекордот е соборен беше јасно и во 17 часот, кога излезноста беше 74,23 отсто.
На овие избори, актуелниот премиер Виктор Орбан го бара петтиот мандат по ред, по 16-годишно владеење со Унгарија. Главен предизвикувач му е Петер Маѓар, поранешен член на Фидес, а сега лидер на опозициската Тиса кому повеќето анкети во пресрет на изборите му даваа сериозна предност.


