Лидерот на унгарската партија Тиса, Петер Маѓар, кој однесе убедлива победа на изборите во Унгарија, најави екстрадиција на поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој доби политички азил во Будимпешта.
Маѓар самиот го спомена Груевски одговарајќи на новинарско прашање за можна екстрадиција на двајца полски политичари, Збигњев Зиобро и Марцин Романовски, кои исто така избегаа во Унгарија.
“Мислам дека бев многу јасен за ова претходно. Реков дека тие не треба да купуваат мебел во Унгарија од ИКЕА затоа што нема да останат долго. Унгарија нема да биде депонија за меѓународно барани криминалци“, рече Маѓар и продолжи:
„И ова не се однесува само на нив. Туку на господинот Никола Груевски, поранешен премиер на Северна Македонија кој исто така, е престапник. Ова не само затоа што е фер и праведно, туку и затоа што очекуваме од другите европски земји ако унгарски криминалци бегаат кај нив, да ни ги екстрадираат во духот на европската соработка. Можам само да им порачам на господинот Зиобро и Романовски дека ако нема што да кријат, треба да си одат дома“.
Зиобро е поранешен министер за правда, па Маѓар во одговор го спомна и тоа велејќи „тој сигурно го знае полскиот правосуден систем и треба да си го исчисти името од обвинувањата“.
Ние ќе најдеме начин, освен ако не заминале, да ги екстрадираме во Полска, беше јасен лидерот на унгарската партија Тиса.
Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, избега во Унгарија во 2018 година, кога требаше да влезе во затвор за издржување на двегодишната затворска казна во случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство, кој се однесува на незаконската набавка на блиндираниот „мерцедес“.
Освен за овој, против Груевски се водеа и низа други судски случаи. Меѓу нив и случајот „Плацеви на Водно“ каде беше осуден за перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот и таму доби седум години затвор. Тука е и затворска казна од една и пол година што ја доби во случајот „Насилство во Центар“, како и деветте години во предметот ТНТ за уривањето на Космос.
Тој беше осомничен и во предметот „27 април“ за организација на упадот во Собранието, но против него никогаш не беше покренато обвинение бидејќи не беше достапен за распит на обвинителството што беше неопходно бидејќи се гонеше за тешко кривично дело – терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Неколку министри за правда во поранешните влади на СДСМ и ДУИ бараа негова екстрадиција од Унгарија, но тоа никогаш не беше реализирано.
Унгарските власти му одобрија политички азил откако Груевски стигна таму на сомнителен начин. Според она што беше откриено подоцна за неговото бегство, тој до Будимпешта пристигна откако со унгарски дипломатски возила придружувани со дипломати од Унгарија патуваше низ неколку балкански земји. Иако се водеше истрага за неговото бегство, исход со одговорност немаше.
Инаку, Груевски важи за близок до унгарскиот премиер во заминување, Виктор Орбан. Нивните партии, ВМРО-ДПМНЕ и Фидес беа сестрински во рамки на Европската народна партија, која Орбан ја напушти пред да биде исклучен од неа.
Блиските односи со Фидес и ВМРО-ДПМНЕ продолжија и со новото раководство на македонската партија која дојде на власт во Северна Македонија во 2024 година. Двете влади предводени од Христијан Мицкоски и Виктор Орбан одржаа и заеднички владини седници, едната во Охрид едната во Будимпешта. Северна Македонија зема и кредит од една милијарда евра од унгарската Експорт-импорт банка, кој Мицкоски и Орбан го договорија на самит на НАТО во Вашингтон, во јули 2024 година.


