Апелацискиот суд ја укина ослободителната пресуда за таткото на Вања Ѓорчевска

Објавено:

Апелацискиот суд ја укина пресудата за Александар Ѓорчевски, татко на Вања Ѓорчевска(14), чие безживотно тело беше пронајдено во декември 2023 години и за чие убиство се осудени Љупчо Палевски – Палчо, Велобор Манев, Боре Видевски и на Влатко Кешишев.

Му се судеше и на таткото Александар, кој беше ослободен од вина. Но, судиите од Апелација кои постапувале во случајот сметаат дека Основниот кривичниот суд Скопје не ги ценел доволно доказите на Јавното обвинителство (ЈО) против Ѓорчевски.

Апелацискиот суд Скопје укажал дека на повторното судење треба повторно да се разгледаат исказите на обвинетите дадени во Обвинителството, сведочењето на мајката на Вања и вибер – пораките.

„Пресудата за Александар Ѓорчевски е укината затоа што недоволно се ценети доказите на Јавното обвинителство и нашата препорака е да се изврши преоценка на доказите, со конкретни укажувања, особено на исказите на обвинетите дадени во Јавното обвинителство, а читани пред Судот, исказот на мајката на Вања Ѓорчевска и пораките во вибер-комуникацијата“, соопштија од Апелација на брифинг со медиумите.

Со укинувањето на првостепената пресуда, предметот се враќа на повторно судење, на кое судот ќе треба повторно да ги оцени доказите согласно укажувањата на повисокиот суд.

Претходно, од Кривичниот суд информираа дека по добивањето на пресудата веднаш ќе закажат ново судење за Александар Ѓорчевски.

Ѓорчевски беше обвинет дека им давал информации на киднаперите за тоа кога и каде ќе се движи неговата ќерка, со што, според обвинението, помогнал во нејзиното грабнување. Кривичниот суд го ослободи од обвинението со образложение дека обвинителството не ја докажало неговата вина.

Според полициската истрага, Вања Ѓорчевска била земена со возило од влезот на нејзиното живеалиште, а од обезбедените информации од распитот утврдено било дека била убиена истиот ден (27.11.2023) околу 10 часот наутро.

Во истиот случај, Апелацискиот суд ги потврди доживотните казни затвор за Палевски, Манев, Видевски и Кешишев.

Според обвинението, обвинетите заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп.