Обвинителството бара преиспитување на ослободителната пресуда за таткото на Вања пред Апелација

Објавено:

Апелацискиот суд Скопје денеска (11 мај) на јавна седница ја разгледуваше жалбата на Обвинителството поднесена против ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски, таткото на убиената тинејџерка Вања Ѓорчевска.

Обвинителот Дарко Јакимовски оцени дека првостепениот суд не ги анализирал доволно доказите, што, според Обвинителството, упатуваат на негова вмешаност во настаните што претходеле на киднапирањето – објави државната новинска агенција МИА.

Како што објавија дел од домашните медиуми, според Јакимовски, „Ѓорчевски имал вина во грабнувањето на Вања“.

Како доказ, обвинителот го наведе тоа што Ѓорчевски им кажувал како да се облечат тоа утро на своите ќерки преку телефонска порака. Тој ја дал информацијата која не ја знаел никој освен помалата ќерка и сопругата – рече обвинителот, пишуваат медиумите.

Одбраната на Ѓорчевски, пак, остана на ставот дека нема ниеден доказ што го поврзува со кривичните дела. Адвокатот Владимир Туфегчиќ оцени дека Основниот суд правилно ја утврдил фактичката состојба и ја исклучил можноста за негова вина.

На седницата беа спроведени четворицата осудени на доживотен затвор – Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев.

Тие во текот на судењето се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и побараа ослободителна пресуда, освен Кешишев кој изрази каење тврдејќи дека не учествувал во планирањето и извршувањето на убиствата.

Одбраната на обвинетите бара укинување на првостепената пресуда и повторување на постапката пред Основниот кривичен суд Скопје.

Предметот е во второстепена постапка по жалбите поднесени од одбраната и од Основното јавно обвинителство, кое се жали во делот на ослободителната пресуда за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, како и за второто дело на обвинетите.

Основниот кривичен суд Скопје лани во јуни ги осуди Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев на доживотен затвор за кривичните дела грабнување и свирепо убиство на двете жртви, а Александар Ѓорчевски беше ослободен од обвинението поради недостиг на докази.

Според обвинението, обвинетите заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп.

Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило за да го користат за грабнување на девојчето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.

Апелацискиот суд ќе ја донесе одлуката по разгледување на сите поднесени жалби.