Им нуделе по илјадарка на тинејџери да „дилаат“ дрога во училиште во Карпош

Објавено:

На деца од 13 до 15 години им било понудено за илјада денари да продаваат дрога на соученици во основно училиште на територија на скопски Карпош. За овие индиции била известена полицијата и разговарано на Совет на родители, покажува записникот до кој имаше увид Колегиум.мк. Поради тековна полициска проверка, редакцијата не го објавува името на училиштето.

Според индиции што биле споделени со родителите, станувало збор за повозрасни деца кои не се дел од основното училиште, злоупотребувале група деца од осмо и деветто одделение за „пренесување на недозволени материи за паричен надомест“.

Родители велат дека се затекнати од појавата на дрога во основно училиште и предупредуваат дека границите на ризично однесување кај децата се поместуваат.

„Кога слушнав дека осмоодделеци нудат амфетамини во основно училиште сериозно се исплашив“, вели мајка на шестодделенка која учи во посоченото школо во скопски Карпош.

„Веднаш седнав да разговарам со ќерка ми, да ја предупредам. Не се надевав дека муабетот за превенција од дрога ќе треба да го правам со дете на возраст од 12 години“, вели таа.

Загриженост споделуваат и други родители.

“За нас дома, ова ни беше аларм дека е време да почнеме да разговараме на оваа тема дома, за да ги едуцираме децата со време, бидејќи порано или подоцна може да имаат контакт и да паднат во искушение…онака како што моите родители и баба и дедо ми зборувале мене во 90-тите години кога по парковите, градинките и школските дворови се среќаваа шприцеви од зависници. Истото го правам сега и јас со моето дете, за да има свое јас, да знае како да се справи ако некогаш се најде во ситуација да му биде понудено да проба, а притоа да не биде стигматизирано дека нема храброст или дека не следи одредени трендови во друштвото“, вели татко на десетгодишно момче во скопски Карпош.

Според тоа што со родителите били споделено од стручните служби на училиштето, станува збор за поголеми деца кои помалите ги намамуваат за илјада денари да дилаат или да бидат курири, разнесувачи на „прашкаста материја“.

„Дефинитивно МВР треба повеќе внимание да обрне на ова, бидејќи некој веќе посега да направи мрежа во која ученици ќе им разнесуваат дрога“, додава тој.

Од почетокот на јануари до март годинава, полицијата привела седум деца на возраст од 14 до 18 години за продавање на дрога, велат од Министерството за внатрешни работи за Колегиум.мк.

„Дополнително, Ве информираме дека по претходно изготвен План, полициски службеници од СВР Скопје вршат проверки во содејство со психолошко педагошките служби во училиштата на дел од учениците при влез во сите средни училиштата во Скопје“, се вели во одговорот на МВР.

Во изминативе неколку дена полицијата врши проверки на школски ранци кај средношколци пред влезовите на училиштата во потрага по дрога. Полициските контролите се вршат на влезовите на повеќе средни училишта низ главниот град, каде што некои ученици при пристигнување треба да го отворат ранецот, а полицијата визуелно да го прегледа она што го носат, пишува порталот мкд.мк.

Освен книги и тетратки , во ранците откриени опасни предмети

Загриженоста кај родителите дополнително се зголемила по сознанијата дека дел од учениците носеле и опасни предмети.

„Но, тоа не беше се што ме загрижи на таа родителска средба, дознавме дека во ранците на дел од поголемите основци имало тејзери“, додава мајката.

Тејзери се рачни уреди за електрошок што го користат полицајците или службеници за обезбедување за привремено онеспособување на лица.

Родителите посочуваат дека покрај електрошок уреди, кај деца биле забележани и пепер-спрејови и џебни ножеви кои тешко веројатно дека децата сами ги набавиле.

„Па и ова е тема на која треба да се разговара дома, бидејќи не можеме да очекуваме од училиштето целосно да ја преземе улогата на воспитување на децата, мора и родителот или родителите да обрнат повеќе внимание, не се наивни предмети и нивна употреба дури и од љубопитност или игра може да стане од „играчка-плачка“, вели таткото со кој разговаравме.

Стручните служби апелираат родителите да вршат поголема контрола врз тоа што децата носат во училиште, особено по појавата на опасни „трендови“ и меѓусебни предизвици меѓу учениците.

Индициите за злоупотреба на малолетници за продажба на дрога и присуство на опасни уреди во училишните ранци не се изолиран инцидент, туку сигнал за подлабок системски проблем.

Проф. д-р Буџаковски: Ни треба системски рестарт во образовниот систем

Унивезитетскиот професор по криминалистика, Стефан Буџаковски, вели дека е неопходно да се детектираат причините за деструктивно однесување на младите за да може системски со план да се делува во намалување на негативните влијанија врз децата.

„Во Македонија треба да се направи системско рестартирање на вкупниот образовен систем почнувајќи од забавиште до факултет. Тоа треба да биде отсликано на моменталните состојби,“ изјави Буџаковски.

Тој посочува дека малолетничката деликвенција е во пораст, но и дека постојат „црни бројки, случаи кои остануваат нерегистрирани.

„Образовните институции во голема мера ја имаат напуштено воспитната функција, а слабостите се видливи и во едукативниот процес“, додава тој.

„Кога тоа би се открило, ние можеби ќе имаме многу фрапантни податоци, бидејќи самото воспитување на децата, односно начинот на воспитување тоа го произведува. Еве на пример образовните институции го имаат целосно напуштено воспитниот карактер, дури и во едукативниот има недостатоци“, објаснува Буџаковски.

Во изминативе неколку дена, инцидентите за врсничко насилство кај деца во основно училиште како и податоците за сексуално насилство меѓу малолетници и врз нив, предизвика силна осуда од јавноста. Во контекст на зголемените случаи на врсничко и сексуално насилство меѓу малолетници, јавноста сè погласно поставува прашања за ефикасноста на институциите и навременото препознавање на ризиците.

Додека полицијата спроведува засилени контроли, експертите предупредуваат дека репресијата сама по себе не е доволна.

Без координирана превенција, воспитна улога на училиштата и активна вклученост на родителите, ризикот овие појави да станат секојдневие останува реален.

Прашањето кое се наметнува во македонското општество е дали овие инциденти ќе служат за предупредување кон институциите да започнат со навремени реакции или алармот повторно ќе биде игнориран сè додека последиците не станат уште потешки.