Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека во текот на вчерашниот ден, 1 мај во неколку градови и населени места биле уапсени пет лица поради семејно насилство.
Приведените против кои од Министерството најавуваат соодветни пријави, се од Куманово, струмичко, Велес, а во еден од случаите е приведено лице од Љубљана, Р. Словенија.
Од полицијата информираат дека синоќа во 21 часот полициските службеници од СВР Куманово, од слобода го лишиле 35-годишниот М.С. затоа што физички ги нападнал неговата четири години помлада сопруга и двете малолетни деца.
Подоцна, во Куманово бил приведен и 57-годишниот М.Д. кој се сомничи дека физички ја нападнла неговата 28-годишна ќерка.
Словенечкиот држјанин бил приведен вчера во 20:40 часот на булеварот „Македонски просветители“ во Охрид. Полицијата интервенирала откако четириесет и осумгодишниот И.К. од Љубљана, претходно бил пријавен дека во стан во Охрид, по вербална расправија физички ја нападнал својата сопруга.
На 01.05 во 16:00 часот во струмичко село, полициски службеници од СВР Струмица лишиле од слобода 36-годишен жител од тоа село, постапувајќи по претходна пријава дека агресивно се однесувал кон неговата 65-годишна мајка.
На 01.05.2026 во 08:30 часот во Велес, полициски службеници од СВР Велес лишија од слобода 23-годишен велешанец, постапувајќи по претходна пријава дека во домот физички ја нападнал неговата 24-годишна сестра.
Полициската статистика покажува дека во период од 2018 година до 2025 година се извршени 42 убиства, 24 обиди за убиства и 192 тешки телесни повреди. Од 44 700 случаи со елементи на семејно насилство 33 илјади се евидентирани како поплаки, речиси 3000 како прекршоци и 8500 како кривични дела.
Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, МВР има јасна и директна улога во оваа област затоа што полицијата најчесто е првата институција што доаѓа во контакт со жртвата, прави проценка на ризик, прва постапува на лице место и прва носи одлуки кои што во прв момент директно влијаат врз безбедноста на жртвата.
„Но не би било чесно ниту коректно, овој проблем да се сведе само на полицијата, затоа што таа не може сама без навремено постапување на Центрите за социјални работи, без брза реакција од Обвинителството и без ефикасна судска одлука. Реално е да се каже дека се направени одредени поместувања, но и понатаму постојат слабости кои се манифестираат во координацијата помеѓу институции, во нејасно поставени надлежности и во ситуации кога реакцијата е формално навремена, но суштински недоволна“, рече неодамна министерот Тошковски.
Колегиум.мк пишуваше дека дел од пријавите завршуваат само како поплаки, бидејќи на жртвите им се кажува дека за кривична постапка е потребно лекарско уверение. Кога случајот останува на поплака, насилникот најчесто само ќе биде предупреден. Во случаи, пак, кога жртвата инсистира на постапка, се вклучуваат полицијата, обвинителството и центрите за социјална работа.


