Момче на 14 годишна возраст од Гостивар е осомничено дека ја силувал и уценувал со видео снимки својата помала сестра. Гостиварското обвинителство соопшти дека поднеле барање до Судот за поведување на подготвителна постапка со предлог мерка-притвор. Постои основно сомнение дека момчето вршело продолжено кривично дело „родосквернавење“.
„Детето во судир со законот, во февруари 2026 година во два наврати го искористил отсуството на родителите и извршил обљуба врз неговата 13-годишна сестра. Малолетниот брат подолг временски период испраќал пораки со непристојна и експлицитна содржина на жртвата, а во два наврати против нејзината волја ја принудил на сексуални односи“, се вели во соопштението на Основното јавно обвинителство во Гостивар.
Момчето било приведено на 28 април од полициски инспектори во присуство на социјален работник, по претходна пријава дека полово ја вознемирувал и извршил полови дејствија над неговата малолетна сестра.
Во службен разговор во присуство на претставници од Меѓуопштински центар за социјални работи Гостивар, малолетничката појаснила дека вознемирувањето започнало пред околу една година преку пораки со непристојна содржина, а подоцна продолжило со физички допири и обиди за присилување на сексуални односи.
„ Пред три месеци, малолетникот со употреба на физичка сила извршил полово дејствие врз неа. Малолетничката е предадена на грижа на Центарот за социјални работи Гостивар за понатамошна заштита и постапување“, се вели во полицискиот билтен.
Во него е наведено дека се земени во предвид законските основи и потребата за заштита на жртвата, при што јавниот обвинител доставил и посебен предлог за определување мерка-притвор за момчето.
За неполна недела, ова е трет инцидент со малолетничко насилство евидентиран во полициските билтени. Претходно силна осуда предизвика во јавноста случајот со врсничкото насилство врз шестоодделенка во скопската општина Ѓорче Петров. Девојчето било нападнато од малку повозрасни од неа девојчиња, кои снимале со мобилен телефон како ја тепаат,гасат цигари од нејзиното тело и насилно ја принудиле да јаде кучешки измет.
Информацијата за овој инцидент стигнал до медиумите речиси еден месец откако се случил. Но, истиот ден кога беше објавен од порталот „Вечер“, на другиот крај на градот во населбата Аеродром се случил уште еден инцидент. Во овој главната улога ја имале поголема група деца кои нападнале 13‑годишно момче со нож и целиот настан го снимиле со телефон.


