Влен продолжува со обвинувања за „Алта банка“: Лично Артан Груби ставил потпис

Објавено:

Откако во изминатите денови јавноста виде како сватот на Али Ахмети, преку компанијата „АС Сењак“, земал кредит од пет милиони евра директно од Белград, за потоа да му ги продаде акциите во битолската банка на сега притворениот српски тајкун Давор Мацура, денес го објавуваме третиот, крунски доказ, наведоа од владејачката партија ВРЕДИ / ВЛЕН, на нивната денешна прес-конференцијата.

„Третиот, крунски доказ е дека Артан Груби лично потпишал одлуката за продажба на државните акции во Стопанска банка Битола, како заклучок на седница на Влада на која присуствувале Фатмир Бесими, Бујар Османи и Крешник Бектеши“, изјави денеска Саранда Имери Стафаи од ВРЕДИ.

Од ВРЕДИ доставија, како што велат, „официјални документи кои го докажуваат нивното тврдење“.

„Пред вас се два официјални државни документи: Записникот од 158-та седница на Владата одржана на 6 јуни 2023 година и објавена одлука во „Службен весник“ број 123 од 13 јуни 2023 година. Еве како функционирала државно-партиската машинерија на Али Ахмети: На 6 јуни 2023 година се одржува 158-та седница на Владата, со која претседава Првиот вицепремиер Артан Груби заедно со Димитар Ковачевски. На масата седи комплетниот политички и економски врв на ДУИ: министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерот за економија Крешник Бектеши. Под Точка 5 од дневниот ред, токму во овој состав, се разгледува Информацијата за продажба на акциите во сопственост на Агенцијата за управување со одземен имот и под заклучок број 6 се носи Одлука за давање согласност за продажба на државните акции во Стопанска банка АД Битола! И погледнете кој се потпишува на оваа одлука: во „Службен весник“ број 123, под Одлуката број 41-3733/8 за продажба на акциите на Стопанска банка АД Битола, стои лично потписот на десната рака на Али Ахмети — Артан Груби“, велат од партијата и доставуваат примерок/документ од Службен весник.

Принтскрин од Службен весник кој Вреди го доставува како доказ

Според ВРЕДИ, „кога ќе се спојат сите три дела од сложувалката, целата милионска операција на ДУИ излегува на виделина“.

„Прво: Артан Груби, во присуство на Фатмир Бесими, Бујар Османи и Крешник Бектеши, во Владата донесуваат па потпишува одлука државата да ги извади на продажба конфискуваните акции во Стопанска банка Битола. Второ: Во игра влегува сватот на Али Ахмети преку фирмата „АС Сењак“, кој купува пакет акции во истата таа Стопанска банка Битола, а негова поврзана фирма повлекува 5 милиони евра кредит директно од централата на „Алта банка“ во Белград. Трето: И државните акции што ги ослободи со потпис Артан Груби, и приватните акции на сватот на Али Ахмети, завршуваат во рацете на контроверзниот Давор Мацура за преземање на банката“, велат од ВРЕДИ.

Од партијата ги прашаа Али Ахмети, Фатмир Бесими и Бујар Османи „Дали уште на 6 јуни 2023 година, кога Артан Груби ја потпишал одлуката за продажба на државните акции во Стопанска банка Битола, во врвот на ДУИ веќе бил направен планот банката да се подготви за преземање од страна на белградската „Алта банка“?“.

„Дали улогата на Груби, Бесими и Османи во Владата била институционално да ги ослободат државните акции за продажба, додека семејната мрежа на Али Ахмети преку „АС Сењак“ ги окрупнува приватните пакети акции и зема милионски кредити од Белград?“, велат од ВРЕДИ.

Денешната прес конфереција и партиското соопштение на ВРЕДИ е продолжение на вчерашното јавно докажување кој помогнал „Алта банка“ да влезе во Македонија.

По обвинувањата од ВЛЕН, сватот на Али Ахмети, кој директно беше посочен како актер во случајот, негираше какво било влијание врз влезот на српската Алта банка во Македонија и најави тужби за клевета, бидејќи, како што рече, ниту имаат врска со влегувањето на српската банка во Македонија, ниту имаат земено кредит од банката.

„Категорично ги отфрламе наводите дека сме имале какво било влијание врз процесите поврзани со влезот на Алта банка на македонскиот пазар, ниту пак сме биле во позиција да влијаеме врз одлуките на надлежните институции. Во судска постапка ќе се утврдат фактите и ќе се докаже дека станува збор за неосновани обвинувања, клевети и намерни манипулации со јавноста“, одговориле од „АС Сењак“ за Телма.

Пред неколку дена, јавни прозивки за тоа кој е виновен за Алта Банка имаше и меѓу владејачката ВМРО – ДПМНЕ и опозицискиот СДСМ.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на Надзорната расправа во собраниската комисија за финансирање и буџет за „Причините за воведувањето администрација во АЛТА банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност“, го повика премиерот Христијан Мицкоски да одговори што му кажал на гувернерот Трајко Славески кога му наредил да дозволи влез на Алта банка во Македонија.

Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски вели дека како претседател на државотворна влада, ќе стори сè за да најде решение за проблемот.