Нови протести и во Тирана: Против корупција во Владата, за работни места, подобро образование

Објавено:

Неколку илјади демонстранти и синоќа излегоа на протести во Тирана, овој пат пред Министерството за образование и пред канцеларијата на премиерот Еди Рама, обвинувајќи за корупција во Владата, недостаток од работни места и лоши образовни стандарди, пренесоа новинските агенции.

Протестите, што ги предводи студентското движење, траат веќе со недели, а досега резултираа со запалени банки, судови и владини згради, како и со жестоки судири со полицијата.

Властите воведоа и радикална парична казна во висина од 6 000 долари за сите оние што учествуваат во протести што ќе прераснат во насилство, дури и ако самите не сториле насилни дела.

На вчерашниот протест, двајца демонстранти се обидоа да ги скршат вратите на зградата на албанскиот Парламент – која се наоѓа спроти седиштето на Владата – користејќи метална шипка. Полицијата интервенираше и приведе неколку учесници во демонстрациите.

Според „Еуроњуз Албанија“, демонстрантите удирале по вратите на зградата со метална шипка, а наводно биле фрлани и камења кон објектот. По инцидентот, полицијата постави кордон околу зградата и приведе неколку демонстранти.

Протестот започна околу 14 часот пред Министерството за образование, каде што учесниците се задржаа околу час и половина, по што се упатија низ улиците на Тирана кон седиштето на Владата.

За време на маршот, демонстрантите поставија контејнери за ѓубре на коловозот, запалија еден контејнер, поради што сообраќајот беше во прекин околу 15 минути. Маршот продолжи долж обиколницата на Тирана, придружуван од полициски сили, а до 17 часот демонстрантите се собраа пред зградата на Владата, објавија албанските медиуми.

Според локалните медиуми, протестот првично се одвиваше без директни судири со полицијата – која го следеше движењето на учесниците – но подоцна дојде до инциденти пред зградата на Парламентот.

Илјадници луѓе во Албанија протестираат од 13 октомври – прво во Тирана, а потоа и во други градови. Демонстрациите се поттикнати од незадоволството на студентите од трошоците за образование, условите на универзитетите и недостатокот на економски перспективи.

Протестите брзо се проширија, привлекувајќи граѓани кои се противат на високите трошоци за живот, корупцијата и сегашниот начин на владеење.

Европската Унија и Амбасадата на САД во Тирана повикаа на воздржаност, почитување на правото на мирен протест, како и на пропорционална употреба на сила од страна на надлежните органи.