Битолчанец пријавен за тепање и давење на девојката, избегал преку прозорецот од полициската станица

Објавено:

Mаж осомничен за физичко и психичко малтретирање на 21-годишна девојка успеал да избега низ отворен прозорец од полициска станица во Битола каде бил по пријавата за насиластво. Полицијата веднаш започнала потрага, а за утврдување на околностите на бегството е вклучена и внатрешната контрола на МВР.

Според пријавата и според сведоштвото на мајката на девојката, нејзината ќерка повеќе од една година „била изложена на тепање, закани и психичко насилство од својот партнер“. Мајката тврди дека во еден од нападите осомничениот „ја давел девојката со голи раце“.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) потврдуваат дека на 10 ноември, во 23 часот, 21-годишна битолчанка пријавила дека истиот ден околу 17 часот била физички нападната од својот партнер К.У. Според пријавата, тој подолг период физички и психички ја малтретирал и ѝ упатувал закани.

Во моментот на пријавувањето, осомничениот доброволно пристигнал во СВР Битола заедно со свој родител. Меѓутоа, додека полициските службеници преземале дејствија за негово лишување од слобода, тој успеал да избега низ отворен прозорец од службената просторија.

Полицијата веднаш започнала потрага, а за утврдување на околностите на бегството е вклучена и внатрешната контрола на МВР, а 21-годишната девојка е згрижена во шелтер-центар по проценка на Центарот за социјална работа.

Судското рочиште за изрекување заштитни мерки е одложено за 18 ноември поради неуредна достава и отсуство на пријавениот. Од Обвинителството информираат дека по добивањето на пријавата веднаш биле дадени насоки за постапување.

Според последните објавени информации, осомничениот сè уште се бара, а надлежните институции продолжуваат со преземање мерки.

Поразителна статистика

Полициската статистика покажува дека во период од 2018 година до 2025 година се звршени 42 убиства, 24 обиди за убиства и 192 тешки телесни повреди. Полицајците од 44.700 случаи со елементи на семејно насилство 33 илјади ги евидентирале како поплаки, речиси три илјади како прекршоци и 8.500 како кривични дела.

Колегиум.мк пишуваше дека дел од пријавите завршуваат само како поплаки бидејќи на жртвите им се кажува дека за кривична постапка е потребно лекарско уверение.

Министерството за внатрешни работи упатува апел до граѓаните да не го премолчуваат семејното насилство и навремено да го пријавуваат секој случај. Секој што е жртва на семејно насилство, но и секој што има сознанија дека друго лице е изложено на насилство, може да пријави во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 112 и 192.

ж