Вкупно осум жени во изминативе 24 часа побарале помош од полиција затоа што биле нападнати и истепани од нивните партнери, покажува полицискиот билтен објавен на 6 септември годинава. Според полициското соопштение, најголемиот дел од случаите се однесуваат на партнерско насилство, каде што сегашни или поранешни партнери употребиле физичка сила, закани и предмети за застрашување.
Насилството во поголемиот дел од случаите настанало во домот.
Во Кавадарци, 40-годишен маж физички ја нападнал својата 33-годишна сопруга со која биле во бракоразводна постапка и ѝ се заканувал со нож дека ќе ја убие. Сличен инцидент е забележан и во Штип, каде 23-годишен маж ѝ нанел телесни повреди на својата 24-годишна сопруга, по што таа завршила во штипската клиничка болница.
Во гостиварското село Галате, 47-годишен маж во семејниот дом физички ја нападнал својата 49-годишна сопруга со стаклен предмет, додека во Скопје, 48-годишна жена пријавила дека сопругот ја нападнал со тврд предмет, ѝ го оштетил мобилниот телефон и ѝ се заканувал со остар предмет.
Ескалација на насилство по завршување на врска е забележана во скопската населба Ѓорче Петров, каде 20-годишно момче насилно влегол во домот на својата 19-годишна поранешна партнерка, физички ја нападнал, ѝ упатил закани и украл пари.
ТИМОТ НА КОЛЕГИУМ.МК НАПРАВИ ГЕЈМИФИКАЦИЈА НА СТОРИЈА КОЈА НА ЕДЕН ПОИНАКОВ НАЧИН ГИ ПРИКАЖУВА ЧЕКОРИТЕ НА ПРИЈАВУВАЊЕ НА СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО, НО И СОПКИТЕ ВО СИСТЕМОТ.
ИГРАЈ ЈА ПРИКАЗНАТА ТУКА
Покрај физичкото насилство, во Гостивар е евидентиран и случај на полово насилство, каде 40-годишна жена пријавила дека нејзиниот 55-годишен вонбрачен партнер во нејзиниот стан ја истепал па ја силувал.
Билтенот открива и случаи на меѓугенерациско насилство во домот. Во Куманово, 48-годишна жена била физички нападната во семејната куќа од сопствениот 26-годишен син М.Џ. и неговата сопруга Б.Р. Во скопската општина Гази Баба, пак, 43-годишна мајка пријавила дека таа и нејзиниот поранешен сопруг биле физички нападнати од нивниот малолетен син кој имал здравствени проблеми.
Сите овие настани доминираат со физичка агресија и психолошки притисок, при што приватниот дом се потврдува како примарна локација каде жените се соочуваат со ризик по сопствената безбедност.
По настанот во скопско Тафталиџе кога на 2 март мајката Ивана заедно со нејзината шестгодишна ќерка Катја – жртви на семејно насилство, скокна од балкон и двете починаа, Министерството за внатрешни работи започна секојдневно да евидентира и објавува билтени за семејно насилство.
Полициската статистика покажува дека во период од 2018 година до 2025 година се звршени 42 убиства, 24 обиди за убиства и 192 тешки телесни повреди. Полицајците од 44 700 случаи со елементи на семејно насилство 33 илјади ги евидентирале како поплаки, речиси три илјади како прекршоци и 8.500 како кривични дела.
Колегиум.мк пишуваше дека дел од пријавите завршуваат само како поплаки бидејќи на жртвите им се кажува дека за кривична постапка е потребно лекарско уверение.


