Бифтек за пратениците, кромид и конзерва за студентите: Урбана герила акција во Скопје

Објавено:

Два различни оброка поставени на две маси се дел од герила-акцијата која денеска е поставена од групата „Урбани уметнички акции“ пред ТЦ „Буњаковец“ во Скопје.

На едната маса е чинија со суво парче леб, конзерва туна, кромид, пиперка и шише со сок од половина литар, а на втората маса во чинијата има декорирано парче бифтек и празна чаша за вино.

Едното мени е студентско, а другото пратеничко и „ја покажуваат споредбата меѓу оброкот што им се нуди на пратениците и храната што можат да ја купат студентите со 140 денари, колку што изнесува сумата што ја добиваат за студентски оброк“.

На „студентската маса“ има испечатено мени со храна која може да се купи за 140 денари: бурек со сирење и јогурт за 120 денари, павлака и половина леб за 90 денари, чија-пудинг за 140 денари и грав без месо за 140 денари.

На „пратеничката маса“ е мени од она што се нуди собраниското бифе: омлет со сланина за 85 денари, тост со свински врат и кашкавал за 120 денари, пилешко печење за 115 денари, плескавица со кашкавал за 210 денари.

На двете листи со менија се наведува дека станува збор за сатирични менија. Во објавата на Инстаграм од „Урбани уметнички акции“ во описот на фотографиите пишува единствено „Општествени контрасти“.

Барањата на студентите за зголемување на сумата за студентски оброк датираат од пред повеќе месеци, а минатата недела кулминираа со тужби за Министерството за образование и наука.

Тужба од ФОП

Форумот за образовни промени (ФОП) минатата недела поднесе тужба пред Управниот суд против Министерството за образование и наука, поради „неусогласувањето на висината на субвенционираниот студентски оброк кој треба да расте во секоја фискална година согласно растот на животните трошоци“. Според ФОП, зголемувањето е обврска а не милост.

„Да бидеме јасни висината на субвенционираниот студентски оброк не е прашање на ретроградниот Меркур или прашање на милостина на владата и на министерството за образование и наука кон студентите или пак добрата волја или расположение на министерката Весна Јаневска, туку е законска обврска и службена должност“ излави претседателот на Форумот, Бленди Ходаи.

Усогласувањето на износот од 140 денари на ден, Министерството за образование го нема направено три фискални години наназад и според пресметките на ФОП, Министерството на 30.000 студенти им должи по 100 евра и тие бараат исплата на овие пари ретроактивно.

Тужба и од ЛДП

Претходно, тужба до Управниот суд поднесе и Либерално-демократската партија од велат дека во 2023 година инфлацијата изнесувала 9,4%, во 2024 година 3,5%, а во 2025 година 4,1%. и дека покрај законската обврска за усогласување, студентите и понатаму добиваат само 140 денари.

Тужбата на ЛДП е „поради недонесување управен акт за усогласување на субвенционираниот студентски оброк за 2026 година“.

Претходно, во септември, студенти од универзитетите од Скопје, Тетово и Штип, неформално организирани во Националното студентско тело испратија барање до Министерството за образование за зголемување на субвенционираниот студентски оброк од 140 на 200 денари.

МОН: Министерството е во активни преговори

Според министерката за образование и наука, Весна Јаневска, Министерството за образование и наука е во активни преговори со студентите за воведување нов систем за правилно и посоодветно користење на субвенцијата за здрав студентски оброк.

Јаневска минатата недела, одговарајќи на новинарско прашање, во рамки на денешната панел-дискусија „Извештајот на Европската Комисија за 2026 – напредок и реформи“ во Владата, појасни дека разговорите се водат бидејќи извештаите во соработка со странски партнери покажуваат дека средствата за оброкот не се целосно искористени во правец на здрава исхрана на студентите.