Полициските службеници од СВР Скопје, вчера во Полициската станица Кисела Вода, извршија службен разговор со А.Н.(53) и В.Н.(54), двајцата од Скопје, по пријавата за насилство од нивната малолетна ќерка, информираше Министерството за внатрешни работи (МВР).
Според соопштението од Министерството, 15-годишното девојче пријавила дека „татко ѝ А.Н. физички ја нападнал во неговиот дом, а дека нејзината мајка подолг временски период психички ја вознемирувала“.
Постапено е по пријавата, соопшти МВР, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Според последните полициски извештаи, само во текот на мај 2026 година пријавени се вкупно 191 кривично дело од семејно насилство што претставува зголемување од 70,5 отсто во споредба со истиот месец од претходната година.
Најголем дел од кривичните дела се за „телесна повреда“ – 130 и „загрозување на сигурноста“ – 52 кривични дела.
Од потешките кривични дела во овој период се издвојуваат едно убиство на подрачјето на СВР Битола и две тешки телесни повреди.


