Опозицискиот СДСМ објави дека поднесува кривични пријави за Алта банка АД Битола објави партискиот лидер Венко Филипче.
„Организираната криминална група на Христијан Мицкоски сака да го заташка скандалот со Алта банка и да избега од одговорност. Да скрие сметки, трансакции, потекло на капитал, врските со криминалниот клан на Вучиќ … Да не се дознае кој потпишал и за чии интереси. Мицкоски и Славески поднесоа пријави против опозицијата затоа што се во паника. Сега е ред на СДСМ, на вистината и правдата. СДСМ поднесува кривични пријави за влезот на пералницата на пари на Вучиќ, за притисокот, за сметките и трансферите, за парите на граѓаните и јавните претпријатија“, вели Филипче.
Ова следува откако вчера беше објавено дека Народната банка, на чело со гувернерот Трајко Славески, поднеле кривични пријави против функционери на СДСМ поради, тврди, јавните изјави со непоткпрепените обвинувања поврзани со Алта банка.
Кривичните од Народната банка биле поднесе до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје и ги опфаќаат Филипче, потпретседателот на СДСМ, Александар Трајановски, генералниот секретар Александар Саша Димитријевиќ и секретарот за меѓународна соработка Андреј Жерновски.
Алта банка влезе на македонскиот пазар минатата година станувајќи мнозински сопственик на акциите во Стопанска банка АД Битола.
Станува збор за српска банка, која се најде во фокусот на јавноста по изборите во Србија на 25 октомври. Сопственик на банката во Србија е контроверзниот бизнисмен Давор Мацура, кој важеше за близок до власта на поранешниот претседател Александар Вучиќ.
Откако Вучиќ беше поразен на изборите од студентите, во јавноста излегоа информации дека милионски суми пари се одлеваат од српската банка надвор од државата. Народната банка на Србија ѝ ја одзеде лиценцата за работа на Алта банка Белград и отвори стечај. Веднаш потоа, во полициска акција во Белград, сопственикот Давор Мацура беше уапсен заедно со соработници од трезорот. Приведените се осомничени за неовластено и нелегално извлекување на повеќе од 380 милиони евра.
Веднаш по одземената лиценца за работа на српската банка, Алта банка АД Битола беше ставена под привремена администрација на Народната банка, а гувернерот истакнува дека оваа мерка е преземена исклучиво за заштита на клиентите и системот, и тврди дека банката е ликвидна. Се воведоа рестрикции за подигањето пари од сметките на банката.
Опозицијата обвинува за афера на актуелната власт предводена од Христијан Мицкоски со власта на Вучиќ. Владејачката партија, пак, обвинува дека опозицијата крева паника и го саботира опстанокот на Алта банка во Македонија.
За судбината на банката во земјава можни се две сценарија – продажба на банката или стечај доколку не се најде купувач. Од Народната банка рекоа има шест заинтересирани купувачи. Во моментов, течат роковите во кои битолската банка треба да биде ставена на продажба.


