НБРМ поднела кривични пријави против функционери на СДСМ за „Алта банка“

Објавено:

Народната банка поднела кривични пријави против функционери на СДСМ поради јавни изјави со непоткрепени обвинувања поврзани со „АЛТА банка АД Битола“. Како што јавуваат дел од медиумите, неофицијално, во две одделни пријави, кривична одговорност се бара од лидерот на СДСМ Венко Филипче, потпретседателот Александар Трајановски, генералниот секретар Александар Саша Димитријевиќ и секретарот за меѓународна соработка Андреј Жерновски.

Од централната банка за ТВ Сител потврдуваат дека поднеле кривични пријави, но не соопштуваат повеќе детали.

„Народната банка поднесе пријави до Основното јавно обвинителство Скопје поради јавни изјави со сериозни и непоткрепени обвинувања поврзани со „АЛТА банка“ АД Битола“, пишува во краткиот одговор од прес-службата на Народната банка за Сител телевизија.

Од Основното јавно обвинителство потврдија дека пријавите се примени во текот на вчерашниот ден, но повеќе детали засега, не соопштуваат.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче пак, денеска изјави дека прв пат слуша за пријавите кон него и сопартијците.

Премиерот Христијан Мицкоски мината недела побара обвинителството да отвори истрага, бидејќи според него, опозицијата врши саботажа, креира немир и го урива државниот поредок.

„Редно е, согласно Кривичниот законик, Јавното обвинителство да се позанимава за делото саботажа кое го прави опозицијата, свесно го урива Уставот и државниот поредок ширејќи невистини, крерирајќи немир и на тој начин ги доведува граѓаните во чувство на несигурност и исплашеност. Ова кривични дело, ќе потсетам, се казнува со казна затвор од најмалку три години и по оној КЗ (Кривичен законик н.з.), кој тие го сменија во 2023 година“, рече тогаш Мицкоски.

Социјалдемократскиот сојуз во неколку наврати побара одговорност од премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот на Народната банка на Македонија, Трајко Славески, во врска со влегувањето на Алта банка во Македонија.

Инаку на денешната надзорна расправа за Алта банка во Собранието, гувернерот Трајко Славески рече дека Народната банка постапила строго во рамките на законските надлежности и овластувања. Тој истакна дека процесот на лиценцирање и давање согласност траел во рамките на максималниот законски рок од три месеци, при што низ четири нивоа во институцијата биле извршени потребните анализи. Според него, во постапката била остварена директна комуникација со домашни и странски институции, а проверките биле следени преку меѓународни глобални платформи.

Народната банка на Србија неодамна ѝ ја одзеде лиценцата за работа на матичната „Алта банка“ во Србија и отвори стечај. Веднаш потоа, во полициска акција во Белград, сопственикот на банката Давор Мацура беше уапсен заедно со соработници од трезорот. Приведените се осомничени за неовластено и нелегално извлекување на повеќе од 380 милиони евра.

Веднаш по одземената лиценза за работа на српската банка, „Алта банка АД Битола“ беше ставена под привремена администрација на Народната банка, а гувернерот истакнува дека оваа мерка е преземена исклучиво за заштита на клиентите и системот, и тврди дека банката е ликвидна.