Можен договор за ненапаѓање меѓу Москва и земји членки на НАТО?

Објавено:

Висок руски дипломат денеска изјавил дека Москва би можела да склучи договори за ненапаѓање со земји членки на НАТО, во рамките на новата безбедносна архитектура за која се разговара на мировните преговори за војната во Украина.

Како што јави Ројтерс, Владимир Медински, главниот руски преговарач во преговорите со посредство на САД, кои оваа недела продолжија за првпат од февруари, изјавил дека новата безбедносна рамка за Европа била централна тема на дводневните разговори во Абу Даби. Сепак, тој не изнесе детали за тоа што било дискутирано.

Алексеј Дробинин, висок дипломат во руското Министерство за надворешни работи, во средата претстави неколку конкретни предлози за оваа идеја на безбедносна конференција во Москва.

Првата опција што ја претстави е колективен одбранбен сојуз или договори за билатерална меѓусебна помош, какви што Русија има со Белорусија и Северна Кореја.

Втората можност опфаќа политички договори со кои страните би се обврзале да не им помагаат на ривалите во случај на агресија, слично на договорот што Москва го има со Иран.

Третата опција што ја претстави се однесува на билатерални договори за ненапаѓање.

„На пример, договори од ваков вид би можеле да бидат склучени, меѓу другото, со поединечни земји членки на НАТО, кои потоа би добиле, на пример, дополнителни индивидуални безбедносни гаранции од Руската Федерација“, рече Дробинин на конференцијата, според видеоснимката од неговиот говор објавена на интернет.

Некои европски политичари се противат на каква било дискусија за безбедносната архитектура на Европа, тврдејќи дека најпрво треба да се постигне напредок во однос на Украина, вклучително и прекин на огнот.

Американските претставници јасно ставија до знаење дека се отворени за таква дискусија.