Првиот ден конструктивен – продолжуваат преговорите за Украина

Објавено:

Во Абу Даби денеска продолжуваат трилатералните преговори меѓу Русија, Украина и Соединетите Американски Држави.
Клучна тема на денешните разговори ќе биде воспоставувањето нов континентален безбедносен систем по решавањето на конфликтот во Украина.

Првиот ден од разговорите заврши по четири и пол часа. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека преговорите биле конструктивни и дека се разговарало за ослободување на заробениците, безбедносните гаранции и мерките за намалување на тензиите.

Зеленски во објава на Телеграм наведе дека претходно бил одржан состанок на украинската делегација со европските и американските партнери, по што следувале трилатералните разговори.

Според него, неопходно е да се воспостават конкретни механизми што ќе спречат повторување на војната, а се разговарало и за потребата од преземање чекори за деескалација.

„Најважно е навистина да се приближиме до мирот. Украинската страна ќе продолжи да работи продуктивно, квалитетно и чесно“, порача Зеленски.

Тој ѝ се заблагодари на американската страна за организирањето на преговорите, а на Обединетите Арапски Емирати за обезбедувањето простор за разговорите.

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека трилатералните разговори биле продуктивни, како и дека САД и европските земји се тесно усогласени во напорите за завршување на војната меѓу Русија и Украина, која влезе во петтата година.

„Знаеме на чија страна сме – на страната на Украина“, изјави Рубио пред новинарите во Париз, по состанокот на министрите за надворешни работи на Групата седум (Г7), пренесува „Блумберг“.

Рубио оцени дека разговорите за завршување на војната во Абу Даби биле многу продуктивни, но нагласи дека е важно европските земји да бидат вклучени во преговарачкиот процес.

Тој истакна дека САД ѝ обезбедуваат на Украина воена, финансиска и енергетска поддршка, а истовремено го одржуваат притисокот врз Русија преку санкции и активности насочени против таканаречената руска флота во сенка.

Специјалниот пратеник на американскиот претседател, Џаред Кушнер, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен за мир под соодветни услови. Според него, Москва истовремено го поставува прашањето дали Украина и Европа се подготвени да постигнат договор.

Високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, порача дека Европа ќе остане покрај Украина без оглед на исходот од преговорите и дека санкциите против Русија ќе бидат заострени.