Регулаторното тело за електронски медиуми на Србија (РЕМ), изрече казни за телевизиите Информер, Курир и Прва поради прекршување на медиумските прописи, меѓу кои и навреди кон членови на РЕМ, необележување изборна програма и прекршувања на правилата за известување за време на изборната кампања за вонредните парламентарни избори во Србија што се одржаа на 25 октомври.
Најдолги мерки се изречени за телевизијата Информер, на која поради емисијата „Државник“ ѝ е забрането пет дена да емитува реклами, во периодот од 18 до 21 часот. Изречена ѝ е и мерка предупредување, како и забрана за емитување на емисијата „Колегиум“ во два наврати, во времетраење од 10 и 15 дена.
Членовите на РЕМ пет часа дискутираа за санкциите кон Информер, по што одлуката на регулаторното дело беше донесена едногласно, на денешната седница.
За телевизијата Прв, РЕМ изрече еднодневна забрана за емитување реклами поради навредите што водителот Миломир Мариќ ги упатил кон членовите на Советот на РЕМ во емисијата „Ден на ден“. Мариќ, меѓу другото, ги нарекол членовите на Советот глупави, рекол дека за нив треба да се отвори училиште за хендикепирани, а упатил и алузии дека еден од нив е алкохоличар.
Телевизијата Курир доби санкции поради прекршувања во информативните емисии „Дневник“, која е забранета да се емитува еден ден и „Вести“, која доби забрана за емитување во времетраење од два дена.
Одлуките на РЕМ доаѓаат веднаш по изборите на кои убедлива победа однесе „Студентската листа“, со што заврши 14 годишното владеење на партијата Српска напредна странка (СНС) на поранешниот српски премиер и подоцна претседател, Александар Вучиќ. Оваа промена во извршната власт веднаш се одрази врз работата на регулаторното тело за медиумите кое претходно често беше критикувано од јавноста дека ги „премолчува“ прекршоците на провладините медиуми, како телевизијата Информер, која со години важеше за „ударна медиумска тупаница“ на власта на Вучиќ.


