Франција го обвини Иран за хакираните фрижидери во маркетите

Објавено:

Иранскиот амбасадор во Франција денеска бил повикан на разговор поради кибер-нападите врз фрижидерите во супермаркетите, соопшти француското Министерство за надворешни работи.

„Повикот на иранскиот амбасадор на разговор, кој министерот го најави вчера, беше реализиран утрово. Го прими генералниот секретар на министерството“, соопшти француското министерство.

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро вчера ја обвини Иранската револуционерна гарда дека стои зад неодамнешниот кибер-напад врз фрижидерите во француските супермаркети, предупредувајќи дека тоа ќе има последици за Иран.

Докази за овие обвинувања не беа објавени.

Обвинителството во Париз соопшти дека побарало меѓународни налози за апсење на Шахид Кавех, раководител на офанзивната кибернетичка единица поврзана со Револуционерната гарда, како и на неговите двајца заменици.

Хакери во средината на октомври презедоа контрола врз разладните уреди во стотици супермаркети во Франција, при што ја зголемија температурата и до 50 Целзиусови степени. Тоа предизвика пожари и расипување на храната, соопшти француската полиција.

Слични инциденти се случија во почетокот на ноември во десетици продавници во Белгија и Луксембург, како и во Шведска и Естонија.