„Безбеден град“ и во Битола, Штип и Струмица

Објавено:

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави проширување на системот „Безбеден град“ и во Струмица, Штип и во Битола.

Според него, системот во Струмица треба официјално да започне да се применува во првата недела од декември. Потоа, активностите ќе продолжат во подрачјето на СВР Штип, каде што треба да завршат до крајот на годинава. Последна останува Битола, за чие поврзување со централниот систем, според министерот, ќе бидат потребни уште еден до месец и половина.

Тошковски очекува до февруари „Безбеден град“ да биде воведен на територијата на целата држава.

Системот почна со пробна работа на 1 декември 2025 година. Во таа фаза камерите ги регистрираа прекршоците, а сопствениците на возилата добиваа известувања. Официјалното санкционирање започна на 1 февруари 2026 година.

Во првата фаза системот беше активиран во Скопје, Куманово и Тетово, како и на Коридорите 8 и 10. Потоа беше проширен на подрачјето на СВР Велес, кое ги опфаќа Велес, Кавадарци, Неготино и Демир Капија.

Од 12 октомври системот функционира и на подрачјето на СВР Охрид, односно во Охрид, Струга, Кичево и Дебар.

Брзината ќе се мери и од полициски возила со камера

Тој порача дека поставувањето камери не е крај на активностите, туку дел од поширок план за подобрување на безбедноста во сообраќајот.

МВР планира да ги опреми полициските возила со камери што ќе мерат брзина во движење, а на критичните сообраќајни точки ќе поставува и мобилни уреди.

Ова го најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, објаснувајќи дека досегашните анализи покажале оти контролата само на однапред определени места не е доволна за да се постигне посакуваниот превентивен ефект.

Според последниот јавно објавен збирен биланс на МВР, во периодот од 2 февруари до 20 август 2026 година системот регистрирал вкупно 310.865 сообраќајни прекршоци. Од нив, дури 301.835 се однесувале на возење со брзина поголема од дозволената.