„Безбеден град“ евидентирал над 310 илјади прекршоци, најбројни оние за непочитување на брзината

Објавено:

Од стапувањето во функција на 02. февруари годинава, па сѐ до 20.08.2026  во системот „Безбеден град“ евидентирани биле вкупно 310.865 прекршоци. Од нив, најголем дел или 301.835 прекршоци, се однесуваат за управување на возило со брзина поголема од дозволената – соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

Во однос на прекршоците сторени од возила со странски регистарски ознаки, во периодот од отпочнување на функционирање на системот „Безбеден град“ регистрирани биле вкупно 180.378 прекршоци.

Во периодот пак, од 19.08.2026 до 20.08.2026 регистрирани се 5.514 прекршоци од возила со странски регистарски ознаки.

Примената на овој систем за возилата со странски регистерски таблички почна на 19 август, со што на Граничниот премин Табановце, при излез од државата, се појавуваат возила кај кои системот има претходно евидентирано сообраќајни прекршоци.

На возачите им се соопштува дека е евидентиран прекршок и им се издава Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог, со можност казната да ја подмират согласно законската постапка.

Ова создаде километарски колони и револт кај возачите, од кои дел чекаа и со часови за да ја платат глобата. Со цел, протокот на возила да се забрза, на „Табановце“  веќе се отворени осум посебни пунктови за проверка и наплата на казните кои ги евидентирал овој систем.

Странските државјани односно сопствениците и возачите на возила со странски регистарски таблички ја имаат на располагање и апликацијата „Безбеден град“ преку која можат да добијат информации за сообраќајните прекршоци евидентирани со овој систем, да имаат увид во издадените прекршочни платни налози, како и да ги подмират глобите по електронски пат.

При логирањето, потребно е возачот да ја слика или скенира својата патната исправа и да ја внесе регистрацијата на возилото или возилата кои тој ги користи во нашата држава – информираше МВР.