Измените на Законот за јавни набавки утре (10 ноември) повторно ќе се најдат пред пратениците во Собранието откако тие веќе еднаш ги усвоија, но претседателката Гордана Сиљановска-Давкова стави вето и го врати назад во парламентот.
Според дневниот ред за пленарната седница на 10 ноември тие се предвидени како прва точка. За нив, се поднесени дури 2.158 амандмани, претежно од опозиција – најмногу од СДСМ. Владејачкото мнозинство има само еден, кој се однесува на укажувањата од претседателката на државата.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, во пресрет на седницата рече дека ако нема договор, парламентот ќе ги разгледа амандманите во роковите предвидени со Деловникот.
„Во овој случај, мислам ако има толку многу амандмани, ние сме парламентарна демократија, Собранието е место каде што се разговара, ќе треба да се најде начин да се дојде до решение“, вели Гаши.
Законските измени Собранието ги усвои уште на 26 октомври. За нив имаше јавни реакции, меѓу кои и тоа што предвидуваат зголемување на лимитот за трошење државни пари без тендер, а се бараше и јавна расправа наспроти начинот на кој беше предложен до парламентот.
Ветото од претседателката Сиљановска-Давкова, пак, се фокусира на еден од членовите кој предвидува дека претседателот и членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки се именуваат за период од 5 години и можат да бидат реизбрани на позицијата уште еднаш.


